„Колекционерот на страв“ е составена од две целини. Првата е насловена „Некрово“, претставува новела ситуирана во едно мало проколнато место, каде паганизмот и суеверието секогаш го имаат последниот збор. Главниот лик, Трагач, по осумнаесет години се враќа во родното место со цел да ги ископа причинителите за замирањето на неговиот живот и пречките за зачекорување во иднината. Тој е арогантен осаменик кој се впушта во копање на потиснатите тајни во гробот на неговото минато, за при постепеното симнување по скалилата на лудилото да ја дознае поврзаноста со трулата и премолчена историја на злокобниот град. Втората целина го носи насловот „Гробницата на живите мртовци“, составена од дваесетина раскази за ликови со меѓусебно испреплетени судбини, лоцирани во една чудесна зграда која се храни со нивната агонија и неуспехот за нивното реализирање. Со оваа плејада на ликови се запознаваме во моментите кога нивните животи скршнуваат од детерминираниот пат, затоа што избегнуваат од соочувањето со нивните емоции, живеејќи во кожурецот на нивниот конформизам.
Хорор, ужас и мрак потемен од буквите испечатени на страниците, така би ја опишала книгава во една реченица.
Кога човек одлично ја познава областа за која пишува, кога вдишува, издишува и живее за тоа што го исполнува тогаш од неговата душа излегува вакво фантастично дело. Моето недоволно познавање на хорор жанрот во литературата (се надевам дека авторот нема да ми се налути, ветувам дека ќе надокнадам :) не беше пречка да се откажам од читањето, напротив, ми беше предизвик и поттик да научам нешто повеќе, може не ги препознав алузиите со големите мајстори на хоророт како Лавкрафт или Луис, но бескрајно уживав во раскажувањето кое е толку убедливо и сугестивно, лепливо како пајаковата мрежа за потенцијалниот плен, слетуваш на зборовните нишки и остануваш заробен меѓу страниците сѐ додека писателот не одлучи да ја заврши книгата.
Во новелата „Некрово“ неверојатно успешно, испреплетувајќи ги реалноста, фантазијата и сонот, се раскажува за враќањето на ликот со име Трагач во своето родно место со цел да ги разоткрие сеништата на минатото, да се соочи со себеси за да може да продолжи понатаму во животот. Неговата потрага завршува кобно и жалејќи што се вратил во градот каде само мртвите живеат, а живите се заглавени во мртва точка од каде полусонливо се неми набљудувачи на сопствениот пропаднат живот, а гласни критичари на туѓиот.
Цитат: „Од секое семе на стравот, од непознатото и различното, негувано од предрасудата беше никнало стебло.“
Вториот дел насловен „Гробницата на живите мртовци“ составен е од 21 расказ колку што има станови зградата во која живеат главните ликови. И овде како и во новелата се среќаваме со судбини заспани во својата комфорна зона полека испуштајќи го својот животен здив, а во секој расказ поединечно сме сведоци на нивната пропаст и вистинско умирање.
Така ми помина мисла, живеалиштето на овие ликови би можело да биде и дел од Некрово, а Трагач само уште една жртва на злокобната зграда која има моќ да ја цица животната енергија дури и од оние кои се со ентузијазам да променат нешто. Којзнае, во Некрово сѐ е можно.
Цитат:(од омилениот расказ)
„Секогаш има време за умирање, тоа е неизбежно. Животот ќе остане запаметен по моментите во кои говорел во името на слободата на сопствените мисли.“ -Последниот повик