Во британската колонија Цејлон, богатиот земјопоседник Том Кери решава да изгради голема куќа за своето идно семејство токму на местото каде поминуваат слоновите. Иако локалните мештани го предупредуваат да не влегува во војна со Племето на слоновите, тој од инает, го гради големото бенгало токму таму, за да им пркоси на сите, да биде по негово. И секој пат, кога стадото слонови проаѓа за да стигне до изворите со вода, страдаат нивите, колибите на сиромашните селани, а неретко има и човечки жртви. И секој пат настрадува и по некој од слоновите.
Години подоцна, синот на Том, Џорџ Кери, во големото бенгало ја носи својата англиска сопруга Рут. Рут е млада девојка, израсната во Лондон, ненавикната на животот во британските колонии. Таа е трн во окото за локалното население, како за Британците, така и за Сингалците. Нејзината облека по најнова лондонска мода е барем педесет години пред облеката што ја носат британските сопруги по колониите, и е, во најмала рака, скандалозна. Нејзиниот сопруг често отсуствува поради работа, а тука е и младиот помошник Џон Вилдинг. Осаменоста ги тера луѓето да направат нешта што никогаш не ни помислувале да ги направат. А верниот слуга Апухами, верен на својот стар господар Том, прави сè што е во негова моќ за господарот да биде среќен, по секоја цена.
Ова е приказна за борбата за опстанок, за колонијализмот, за љубовта и омразата, за осаменоста, за тврдоглавоста. Дефинирана е како љубовна приказна, но, јас би ја окарактеризирала како историска драма. Го следиме созревањето на ликовите, не само на Рут, туку и на Џорџ, кој упорно ненамерно живее во сенката на големиот Том Кери. А тука се и слоновите, суштествата кои отсекогаш живееле на тоа тло, и сега им дојдоа луѓето. Наместо мирно да живеат едни покрај други, луѓето им зедоа сè, и изворите со вода, и шумите кои ги претворија во ниви, и храната, и уште ги убиваат каде ќе стигнат. Човековата зла и ненаситна природа нема крај.
Според романот е снимен и филм во 1954 година, со Елизабет Тејлор во главната улога.