"Дневна соба" на Јана Лозаноска претставува возбудливо четиво за длабокиот процес на човековото внатрешно растење, за потребата од постојаното понирање на внатрешниот свет како начин на расоблекување на душата и нејзино ослободување од слоевите на стравовите, неискреноста, но и удобноста на надворешниот свет како пречки кои го затемнуваат повторното раѓање, светењето на личниот, интимен и длабок човечки свет. Преку вкрстувањето на постапките на монологот и дијалогот и преку вештото ослонување на визуелните области на сликарството и фотографијата авторката ги креира, расне и оспособува своите четири лика во современи носители на оригинални примери за преиспитувањето и осознавањето во процесот на човековото будење. Ваквата книжевна постапка на Јана Лозаноска успешно нивелира во структуралната, содржинската, книжевно- јазичната и естетската хармонија на делото, а сето тоа заедно го отелотворува возбудливиот, слоевит и примамлив ракопис насловен "Дневна соба".
Би сакала да можам да дадам 2.5 ѕвезди затоа што еднакво ми се допадна и не ми се допадна книгава. Особено ми сметаа некои описи на ликовите, или изборот на зборови, иако темата на самата книга беше интересна.
Четиво кое и покрај тоа е пишано со лесен стил, изобилува со голема длабочина со која повеќето од денешнава младина се соочува. Првиот дел, иако по малку апстрактен допира до самото дно на душата дури и кога сепството што мислиме дека го имаме, го губиме во тие критични моменти. Додека вториот, надворешниот дел - релацијата помеѓу ликовите, не` потсетува дека претставата што ја имаме изградено за нив, најчесто може да ни ја искриви реалноста и да не` преобрази во рамнодушни животни. Исклучително добра книга која се консумира во еден здив.