Анализата на инкарнациите на митот за андрогинот во модерната книжевност ќе ја следи логиката на митокритичките и (донекаде) митоаналитичките процедури. Првенствено, преку обемна критичка дескрипција на претставите за андрогинот во рамките на еден широк ритуално-митолошки, филозофски и езотерички корпус ќе се идентификува она минимално сценарио без кое овој универзално проширен мит не би можел да постои. Компаративната митокритика на тој сложен корпус на дела сама по себе го наметнува интердисциплинарниот пристап во истражувањето, за што методолошките поставки на Дирановата симболичка теорија на имагинарното даваат сосема поволни рамки. Компаративната митокритика на инскрипциите на митот за андрогинот во романите на Вирџинија Вулф и Роберт Музил ќе покаже во која мера овие автори се приклонуваат или се оддалечуваат од „оригиналната“ сематичка димензија на оној mythe de référence, чија легитимност ја конституираат неговите сопствени редунданси.