Седам на масава и гледам во празниот лист на компјутерот. Се обидувам да се соземам , да се соберам и да си ги приберам мислите . Ја прочитав ,,Модриот накит ,,-Катарина Винклер. Навистина морам да признаам дека сеуште си го чувствувам желудникот близу до грлото. И размислував дали да напишам класична рецензија но моите прсти не се помрднуваат. Мозокот и срцето се бунат, не можат мирно да им дозволат на рацеве да чукаат по тастатурава. Со секој удар на секоја буква се јавува по еден модар дел од накитот на Филиз по моево тело. Секое обојување на кожата испушта крик и солза по ликов. Удар по удар модри ми се и душата и срцето. Се прашувам дали знаеме колку сме ние среќни жени иако живееме во непроцутено општество иако сеуште постојат стегите од доминантноста на оние кои би требало да не милуваат , да ни ја галат кожата и душата. Се прашувам дали светот се поместил напред или никогаш не еволуирал ни чекор ни милиметар од почетната од базичната точка. Дали сме создадени за постојана потчинетост и понизност? Дали е тоа нашата причина за нашето постоење овде ? Немаме ли право , кој треба да ни го даде тоа право? Од кого го бараме ? Од нив , од Бога ? Кога тоа се прекрши правото на еднквост ? Та нели сме ние врзани , едно без друго не можеме? Та нели нишките ни се врзани ,испреплетени и душата ни е делба на два дела и секој од нас чекори по светот за да ја најде својата друга половина . За да се милува ,за да создава ,да твори , да го продолжи родот човечки .
Приказната за модриот накит е лична , бидејќи тој е приватна сопственост, нешто што не смее да се види , нешто за кое не смее да се зборува. Овој роман ја раскажува приказната за големата љубов на Филиз и Јунус. Наспроти желбите на нејзиниот татко, тие стапуваат во брак кога таа има дванаесет години. Јунус е целиот нејзин универзум, сите нејзини соништа и желби. Наскоро по венчавката, сонот на Филиз да живее на Запад со нејзиниот сопруг, да избега од нивното мало село во Анадолија , желбата за слобода и автономија, се се сруши околу неа. Јунус, само неколку години постар од неговата невеста, го претвора нивниот брак во затвор на зависност и насилство. Заробена во куќата на нејзината свекрва, Филиз е подложена на физичко и психичко малтретирање, принудена да го живее животот како домашна робинка. Кога ќе остане бремена, се чини дека Филиз ќе ја достигне својата точка на кршење. Но, таа издржува. Кога Јунус ќе го пресели своето младо семејство најпрво во Истанбул, а потоа во Австрија, се чини дека животот кој и го ветил веќе е на дофат на раката. Но помеѓу сонот и желбите и реалноста со трите деца под рака има голем амбис ...провалија и тегови на нозете кои само влечат надолу . Сите прашања остануваат неодговорени , сите обиди да се допре со љубов се кршат под тешките удари . Сите молби се нечујни и зборува само тишината .... Филиз ја нема .... потоната на дното ... се обидува да ги спаси последните нишки кои ја врзуваат со љубовта ... Јунус го нема ...заслепен од желбата за моќ ... Љубовта се распрскува на ситни парчиња , како стаклото кое требаше среќа да донесе а кое само бодеше и режеше по нежната душа ...
Приказната за Филиз и Јунус е крик , врисок во темнината за да се слушнат гласовите на илјадници кои се борат за својот живот , кои неправедно се осудени без дело , кои погледите ги втрнуваат во чевлите пред себе и кои ги бројат плочките во продавниците. Приказната за Филиз и Јунус е одек на трулежот на општеството во кое живееме , без разлика дали сме во Анадолија или Австрија или Македонија . Приказната за Филиз и Јунус е повик да се промениме , да го смениме светот , да го направиме убаво место за живеење , за сонување , за делување и креирање среќна иднина . Приказната ,,Модриот накит ,, е приказна која моли за промени , за прифаќање ,за разбирање и љубов ....онаа вистинската која не боли ....
Книгата се чита брзо , но со сигурност можам да кажам дека тешко се заборава . Јас сум сигурна дека никогаш нема да ја заборавам болката на Филиз но и секогаш ќе ми биде пред очи нејзината храброст да замине , за да ги спаси своите деца . Таа ми е поттик да знам дека насилството не треба да се поднесува , не за љубов , не за деца и дека секогаш ,секогаш има начин како да се каже НЕ!
Препорака