Олга и Елена се сестри, жени кои се успешни во своите професии. Олга е адвокатка која после разочарување во љубовта целосно и се посветува на професијата и гради успешна кариера. Елена е правник и работи како шеф на правна служба во една фирма. Во брак е со Дарко кој својата кариера ја гради надвор од државата. Во нивниот брак во последно време се случува нешто што се повеќе ги оддалечува еден од друг. И како во народната „далеку од очите далеку од срцето“ односите помеѓу сопружниците се заладуваат. Еден ден Елена ги среќава Дарко и Дијана во едно кафуле, а потоа истиот ден ја наоѓа Дијана во нивниот стан. Тоа ќе биде доволна причина за развод. Кога Дијана ќе дознае дека е измамена од Дарко, кој не и кажал дека е женет, го напушта. Во сообраќајната незгода што ќе ја доживее таа го губи бебето...
Милијана Павловска има напишано 15 романи, а до сега Култура стои зад 10 издадени наслови. Павловска целиот работен век го поминала во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје како професор до 2000 година и како училишен педагог до пензионирањето во 2013 година. Милијана Павловска е добитник на Плакетата „Најчитан македонски автор“ за 2016 година во библиотечната мрежа на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје.