Книгата се состои од два дела, во првиот главен наратор е Тодорка, мајка која е болна и пред умирање. Своите последни мисли и стравувања ги запишува во тетратка додека лежи во болница, а пред нејзините очи се навраќаат спомените од минатото. Таа ја раскажува својата животна приказна во вид на записи, кратко опишувајќи го својот брак, раѓањето на двете ќерки, борбата за егзистенција, распаѓањето на бракот и цепкањето на семејството.
Во вториот дел приказната се одвива околу Марија и нејзината сестра Кате. Ликот на Марија е сличен со ликот на мајката, ќерката е нејзина замена која не се плаши од самотијата, нема никакви предрасуди кон семејството и сама се бори за иднината. Мајката повеќе ја нема, но семејството повторно се обединува преку напорите што Марија ги вложува. Семејните врски и близината ѝ даваат мотив и сила да ги издржи сите животни премрежија и да им помага на сестрата, која престојува во Германија и таткото, кој живее како скитник.
Милијана Павловска има напишано 15 романи, а до сега Култура стои зад 10 издадени наслови. Павловска целиот работен век го поминала во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје како професор до 2000 година и како училишен педагог до пензионирањето во 2013 година. Милијана Павловска е добитник на Плакетата „Најчитан македонски автор“ за 2016 година во библиотечната мрежа на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје.