Младата Гора е заплеткана во необични сестрински односи со Ведра. Давид по разводот опсесивно се врзува за своето синче. Средбата меѓу девојката и зрелиот човек навестува љубов но не им ги олеснува животите. Во насловот се насетува среќен крај ама до него треба да се стаса низ многу пречки болни интимни соочувања и преиспитувања… низ созревање.Овој роман само навидум се движи по еднонасочен колосек. „Попатните станици“ го прават богат и слоевит непредвидлив возбудлив… (...Љубовта те прави свесен за неименливиот недостиг...)
„Оваа загадочна исповед во нашите раце не е љубовен роман. Или барем не претендира да биде. Таа ги допира најранливите места на нашата склоност да се приврзуваме за сенките и одблесоците на она што замислуваме дека сме. Местата каде што започнува секое наше суштинско прогонство... и, одново пронаоѓање.“ отец Методиј Златанов
Интересен стил, начин на пишување. Како психолошки, романот на почеток многу ме заинтересира. Но, како се задлабочував во испишаните страници, така, впечатокот дека доста работи се повторуваат, се засилуваше и ова, за мене, книгата на моменти ја правеше доста здодевна. Ми недостигаше некој пресврт, некоја перипетија... она што се случува во последните 10 страници, но според мене, воопшто не соодветствува на претходно напишаното (и прочитано), веќе е "видено", лично не ми е интересно и, верувајќи дека романот води кон посолиден крај, не го очекував. На овој начин останав со чувство на избрзан крај и залудно изгубено време во читање на половина од овој роман.
Интересен и повеќе психолошки роман, раскажан доминантно преку ликот на Гора, и нејзините Гешталт психотераписки сеанси. Тоа што умешно е постигнато е да се долови комплексноста на ликовите и нивните мисли, размисли и длабоки емоционални состојби на еден навидум секојдневен живот.
Ова е роман за испреплетените емоции, за вторите шанси, за убавината на самотијата и утехата во другиот, за исцелувањето и среќата која понекогаш доаѓа во тие моменти.
Роман кој се чита брзо, благодарејќи на умешниот слеан стил на писателката. Истовремено, за мене ова е и роман со преголем фокус, ритам, во истото дејание на главните ликови поради што имав чувство дека тоа што го читам се повторува од половина на романот па се до неговиот крај. Поради тоа би можела да кажам дека со сегашниот наратив романот би можел да има и максимум 200 страни.
Крајот го почувствував ненадеен, брзоплет и не во склад со самиот наратив, поради отсуството на некаква јасна перипетија.
Прекрасна книга која ќе ве натера малку поинаку да размислувате и да се запрашате каде одите со животот. Книга која ќе ви даде иста но различна перспектива на љубовта и среќата. Ќе ви даде надеж.. Има поразличен стил од повеќето книги, но токму тоа ја прави лесна, забавна и интересна за читање. Оваа книга е една од оние кои се читаат во еден здив. Дефинитивно од книга до книга, Винка само го докажува и покажува изобилството од талент кој го поседува. Ова е психолошка книга која верувам дека ќе им биде дупло позабавна на сите кои се интересираат за, и имаат познавање од, психологијата. Баш ми е драго што добивме вакво дело од автор, психолог како што е Винка. Се надевам наскоро ќе не усреќи со нова книга, која секако без размислување би ја земала.
Iskreno ne bev mnogu voodusevena od prvata kniga na Vinka Sazdova i ovaa pocnav da ja citam so rezerva no mozam da kazam deka mi se dopadna mnogu poveke od "Posledniot caj "