Едно спарно летно попладне, пред почетокот на учебната година, сè замре. Ни птиците не испуштаа глас, немаше скакулец да скокне, ниту гуштер да шавне. Четирите деца качени на сплавот среде реката и занесени во рибарењето, не забележаа дека наближува бура. Додека заслепени од молњите и задушувани од дождот што истураше се бореа со невремето, сплавот се откачи од сајлата и се пушти по реката!
Како да се спасат? Дали да скокнат и да допливаат до брегот или да останат на сплавот?
Ја паметам серијата „Опстанок“ од детсвото, а ете од некоја причина не знаев дека била инспирирана од оваа книга. Како дете бев восхитена од приказната за Стојанче, Босилка, Петре и Анѓа, но читајќи ја книгава на мои 27 години, забележувам некои проблематични делови кои моите детски очи не ги виделе.
Имено, Петре и Стојанче не скокаат од сплавот за ги заштитат нејаките другарки. Воопшто не ми се допадна таа фраза, иако земајќи го предвид периодот во кој книгата е напишана можеби и би го простила искористувањето на таков израз.
Понатаму, изреволтирана сум од тоа како сите возрасни ја игнорираат Лиска која очигледно се обидува нешто да им покаже, а возрасните ја шуткаат кутрата кучка со нозе, а да не зборувам колку ме потресе нејзиното убивство. Потребно ли беше да се убие Лиска?
Следно, полудувањето на мајката на Босилка и нејзината смрт. Јас како возрасен читател едвај преку тој дел, а не можам да претпоставувам како би го доживеала како дете. Забележувам дека книгата е лектира за 7мо одделение и се прашувам дали таа возраст е соодветна. Не сум стручно лице и знам дека кога тогаш секое дете ќе обзнае такви теми во делата за обработка, но и животот.
Сепак драго ми е што ја прочитав книгава, секогаш ќе има место на мојата полица поради таа носталгија кон приказните од детството.