„Ако се плашиш дека ќе те фатат, зошто не платиш некого? Овој град врие од очајни ликови што би сториле сè за неколку илјади, вклучително и да убијат некој... таков како што е твојот маж“. „Да платам...?!“
Романот Крвава месечина ги спојува не толку популарните жанрови кај нас, крими-романот и психолошкиот трилер, но така што тие не се наметнуваат како негова главна карактеристика, туку можеби се јавуваат како потпрашање или контекст во приказната за Луна и за нејзината одмазда. Меѓутоа, во многуте други приказни што ќе се следат во Крвава месечина, во испреплетените и понекогаш романтичарски извонредни соодноси на ликовите, ќе стапнеме малку во политичките перипетии, ќе ги видиме заразноста на семејната драма, намамувачките игри на романтичната драма, средношколската драма, и комплексноста на семејното насилство.
Освен за животот на Луна од една страна, Крвава месечина раскажува и за една група ликови врзани со неа преку нејзиниот отсутен татко. Ликот на таткото, пак, кој најпрвин изостанува, потоа на голема врата ќе се појави пред читателите, за во еден миг на извесен начин сосема да завладее со целата приказна на многу нивоа и така навидум да добие еднакво главна улога како и Луна. Во овој живоизграден лик ќе препознаеме многу од тираните што секојдневно метафорично ни ја цицаат крвта. Политичарите, шефовите, сите оние толку зборувани привилегирани богати белци, обвиени во онолку харизма колку што е доволно да се покријат суштинската суровост и нечовечност што се кријат во ножот фино затскриен во дланката што ја држат зад својот грб. Пишуван во нехронолошки редослед, на јазик напати книжевен, но напати дури и уличен, овој роман поделен во 57 глави, чија фабула се одвива пред сè во измислениот град Андрин, во поширока смисла, се занимава со доброто и злото, меѓутоа не само како спротивставени сили во постојана борба, туку повеќе како испреплетени начела чии граници не се секогаш толку јасно поставени колку што понекогаш мислиме дека се
Феноменална книга. 400+ страни кои се читаат во еден здив. Одлично разработени ликови, уште подобро разработена приказна, едноставно ве влече да ја читате и да не ја пуштите од рака. Слободно може да се рамни со светски признаети трилери. Една од најдобрите македонски книги кои сум ги прочитала досега. Секоја чест. :)
Што и да кажам за книгава ќе биде премалку. Фантастична приказна, одлично обработени ликови, тема која (за жал) е многу застапена во денешницава, но немам апсолутно никаква замерка. Едноставно, книга која останува запаметена засекогаш. Големо браво
Ми требаше малку време за да размислам што да напишам како рецензија за оваа книга. Малку ја утнав со редоследот на читање на книгите (прва ја прочитав Досие „Чернобог“, па Сукубус и на крај оваа).
На крај сепак се одлучив за 5 звезди, само поради главниот лик која е еден вид антихерој.
Единствена забелешка што ја имам и што не е баш многу битна е тоа што антагонистите се секогаш во „црната зона“ (во смисла црно и бело, лошо и добро). Одамна не сум го имал она чувство кога еден лик толку многу те нервира што едноставно ти доаѓа да го извадиш некако од кориците на книгата и да го раскинеш на парчиња (Кристо).
Како и во останатите книги на авторката и тука централно место завзема семејното насилство, последиците од истото, моќта и немоќта на жртвите да се справат со истото.
Интересен спој на наивност, покорност, одмазда напишани во невообичаен нехронолошки редослед. Ликовите се одлично разработени и претставени, напишани на разбирлив и читлив јазик кои овозможуваат читателот јасно и живописно да ги замисли. Книга која не ви дозволува да ја оставите, сакате да дознаете што ќе случи на крајот, но воедно како се движите до крајот едноставно не сакате да заврши. ОДЛИЧНО!
Eдно од ретките книжевни дела што не само што се читаат – туку се доживуваат. Од првата до последната страница бев целосно вовлечена во мрачниот, емоционално набиен свет што го создала авторката. Не паметам кога последен пат сум чувствувала толку силна мешавина од гнев, восхит и тага додека читав.
Катерина успева во нешто што малку автори можат, да ме натера да мразам фиктивни ликови како да се вистински луѓе и да плачам како да ги гледам сцените пред своите очи. Толку се живописно опишани, со сите свои слабости, егоизам и болни одлуки, што во одредени моменти сакав да „влезам“ во страниците и да ги соочам со последиците од нивните постапки.
Приказната е мајсторски исплетена – секој пресврт, секоја реченица има тежина. Психолошката длабочина на ликовите, атмосферата што се движи меѓу страст и темнина, и општиот наративен ритам ме држеа без здив.
Авторката успеала да создаде нешто интензивно, искрено и длабоко човечко. Оваа книга дефинитивно заслужува свое место меѓу најдобрите современи македонски дела.
Ја обожавам книгава! Луна ми е еден од најдобрите карактери што некогаш сум ги запознала во светот на книгите :) а приказната е толку добро напишана што нема да можете да престанете да читате додека не стигнете до крајот.