Имав еден прекрасен професор кому уште од првите вежби по Старогрчка книжевност му се восхитував заради ведриот дух, позитивната енергија и насмевката кои како прирачни средства ги користеше за да не однесе во времето на Хомер. Мојот професор знаеше да говори со часови за нешта кои нам ни беа до тогаш далечни, а при тоа да не ни се здосади. Мојот професор можеше и од најбезнадежните случаи меѓу нас да извлече по нешто. Мојот професор се смееше дури и кога никој од нас ја немаше прочитано трагедијата од Есхил, прашувајќи низ насмевка: "Па добро, како ќе работиме сега?" Мојот професор знаеше прекрасно да свири на тамбура. Мојот професор играше баскет, практикуваше јога, пишуваше песни, правеше чуда... Мојот професор знаеше да ги симне сите ѕвезди од небото, за нас.
Небо без ѕвезди.
Паднале врз страници
на една книга.