Многу добра драма. Англија во триесеттите години на минатиот век. Општеството уште е распнато меѓу традиционалниот свет на титули, штитење углед и бракови од интерес или за титула. Амбер рано ги губи родителите, а ја одгледува нејзината баба. Кога е на прагот на полнолетство, бабата која е богата, но од бизнисот со свила, значи нема титула, ќе плати само внуката да биде претставена на дворот и евентуално да се омажи за некого со титула. Во младоста, бабата била заљубена во соседот (кој имал титула), но токму таа разлика меѓу нив, ги става двајцата во позиција да стапат во брак со други. Стануваат вечни ривали.
Ова е само благ почеток на книгата од близу 600 страници, која низ патот на свилата, нејзината моќ, величенственост и издашност, ни го приближува суровиот свет на високото, но декадентно општество. Борбата на наивната Амбер против сопствените желби, да го продолжи бизнисот со свилата и исполнувањето на желбата на бабата да се омажи за некој војвода. Животот неколкупати сурово ќе си поигра со неа, но често ја следи и луда среќа.
Романот е богат со податоци за свилата (можеше и малку повеќе на темава со оглед на насловот), но и со сите битни луѓе во светот на модата од тоа време, од Коко Шанел, преку Луј Витон, до некои за мене потполно непознати, но моќни дизајнери.
Прецизно насликано високото општество во Англија, каде често се спомнува и принцот, оној кој треба да стане следен крал. Тајните на благородниците во нивните постели, можеби и ќе ве запрепастат, ама сето тоа дава една тежина, за наследството на човештвото и потсетник на какви темели почива денешнината.
Прочитајте! Е сега кај да ги најдам другите два дела е прашање?