Книгата, објавена кон крајот на 2016 година, го свртела вниманието на јавноста најпрвин со необичната промоција, во која заедно со книгата се делеле и чоколади. Поднасловот на книгата го нагласува хумористичниот стил на книгата, а на сличен начин е решена и корицата, на која е прикажана убава девојка која со темноцрвен куфер чека покрај железничка пруга во некој пуст предел. Како мото на книгата, авторот избрал еден цитат од „Алиса во земјата на чудата“. Во делото, Кокаланов се определува за алегориски пристап, градејќи проза која функционира како свет за себе, т.е. создава сомнабулен свет којшто претставува симболичко-алегориска еманација на авторот, обременет од лудилото на времето во кое живее. Воопшто, лудилото е сеприсутно во збирката, зашто главните јунаци во неа се чудаци и лудаци, т.е. луѓе со несекојдневни афинитети, кои живеат во чудни семејства и средини, луѓе на кои им се случуваат чудни нешта и луѓе со извртена логика. Притоа, раскажувачот го разрушува дејството, прави несоодветни и немотивирани референци и ги меша жанровите, така што текстот постојано осцилира меѓу создавањето фикции и илузии и уривањето на тие илузии. На тој начин, книгата може да се дефинира како сатира со постмодерна антиестетика. Сепак, таквата експлицитна присутност на самиот автор во раскажувањето е најголемата слабост на книгата. Книгата има добра композиција - започнува со четири неповрзани раскази, а потоа авторот ги поврзува сите нив во една целина. Притоа, Кокаланов се покажува како мајстор на изразот: неговите реченици се полни, многузначни, реторички богати и добро исплетени, а како најсилни делови во книгата се токму оние каде добрата реченица е комбинирана со создавање фикција и со необична перспектива.
Сашо Кокаланов е новинар, драматург и романсиер. Роден е, работи и живее во Скопје, каде што дипломирал новинарство. Пишува сатира и колумни за повеќе медиуми. Автор е на три романи „Самецот“ (2003), „Ноќ на железничката станица во Розендал“ (2004) и „Изабела, Исмаела и јас“ (2004). Во 2011 година неговата пиеса „Крвта не е вода“ е поставена во Драмскиот театар во Скопје, во режија на Сашо Миленковски. Претставата има повеќе од триесет репризи, гостува во повеќе театри во Македонија, а е селектирана и за официјална програма на „Скопско лето“. Во меѓувреме, Кокаланов ги пишува и пиесите „Чад“, „Му велам јас на Барико“ и „Денот кога умрев и се вратив“. За „Чад“ ја добива третата награда на конкурсот „Коле Чашуле“ на Македонскиот народен театар.