Писател, уредник, организатор на поетски фестивали и преведувач со дводецениско работно искуство на полето на книжевноста. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмски директор е на „Поетска ноќ во Велестово“, Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2011 г.
Награди и признанија • Награда за најдобар текст во сликовница за книги издадени во 2021 и 2022 година на меѓународниот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера“ за книгата за деца Ведра. • Признание за особен придонес за популаризирање на поезијата, од Патрас ― светски поески фестивал, Патрас, Грција, 2024 г. • Oaeneum ‒ награда за поезија доделена на 28. издание на интернационалниот поетски фестивал „Денови на Наим“, Тетово, 2024 г.
Објавени книги • Рајсфершлус, Скопје: ПНВ Публикации, 2024. (поезија) https://www.goodreads.com/book/show/2... • Самодиви – панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес, Охрид: Поетска ноќ во Велестово, 2023 (приредувач заедно со Славе Ѓорѓо Димоски); • Ведра, Скопје: ПНВ Публикации, 2022 и 2023 – 2. изд. (книга за деца) https://www.goodreads.com/book/show/1... • Отворена книга, Скопје: ПНВ Публикации, 2017. (поезија) https://www.goodreads.com/book/show/3... • Годишни времиња, Скопје: ПНВ Публикации, 2014, 2015, 2019 и 2022 – 4 изд. (роман) https://www.goodreads.com/book/show/2... • Комарци, Охрид: Поетска ноќ во Велестово, 2010. (поезија) https://www.goodreads.com/book/show/1... • XX Години Поетска ноќ во Велстово, Охрид: Поетска ноќ во Велестово, 2009. (монографија).
Преводи на нејзини дела во странство • Нејзини песни се препеани и објавени на: англиски, кинески, дански, германски, чешки, шпански, италијански, грчки, бугарски, арапски, бенгали, албански, хрватски, словенечки, босански, турски, азербејџански и српски јазик. • Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, во Србија, во Чешка, во Грција, во Италија и во Колумбија, во две антологиии на современата светска поезија, едната издадена во Кина, а другата во Албанија. • Нејзините кратки раскази се застапени во три антологии на македонскиот краток расказ: „Тивка анестезија за болката на другите“ (Антолог, 2016), „Летаат приказни“ (Темплум, 2019) и „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).
Преведени книги на други јазици • Sevinc (Ведра) ‒ книга за деца, на азербејџански јазик, МДизајн, Баку, 2025. • Expecting Lions ‒ избор песни, на англиски јазик, Three Spires Press, Корк, 2025. • Qorxu qutsu (Кутија на стравот) ‒ избор песни, на азербејџански, Zardabi, Баку, 2024. • Годишни времена ‒ роман, на бугарски јазик, Ерго, Софија, 2017.
Нејзината работа како книжевен преведувач • Јулијана Величковска преведува од англиски, од руски, од српски, од хрватски, од црногорски и од босански јазик. • На македонски превела триесет и пет книжевни дела на автори од: Ирска, Велс, Шкотска, Норвешка, Исланд, Грција, Естонија, Латвија, Србија, Данска, Хрватска, Азербејџан, Малта, Фарски Острови, Црна Гора и Србија.
Интернационални книжевни фестивали Јулијана Величковска била поканета да се претстави со нејзината поезија на бројни книжевни фестивали и други книжевни настани во многу земји во Европа и во Азија. Во последната декада настапила во: Ирска, Кипар, Грција, Турција, Бугарија, Словенија, Србија и во други земји.
Јулијана Величковска е авторка што мене ми остави пријатен впечаток со нејзиниот прв роман „Годишни времиња“. Имав среќа него да го добијам на Goodreads giveaways и на сличен начин и оваа книга стапи во моите раце. На овогодинениот саем на книга застанав на штандот на ПНВ публикации за да ја разгледам новата книга од Јулијана и кога прашав за цена продавачот што беше на штандот, кој претпоставувам дека е и сопственик на издавачката куќа, ми ја кажа цената, но додаде дека можам да ја земам гратис доколку сакам поезија. Јас само го погледнав збунето, незнаејќи како да реагирам. Бев допрен од гестот, затоа што ми даваше до знаење дека издавачката куќа повеќе се грижи нивната литература лесно да пристигне до читателот отколку за самиот профит. „Отворена книга“ е интереснa колекција на поеми и кратки мисли поделена на четири целини. Сметам дека насловот совршено ја доловува содржината на делото - Јулијана ја изложува нејзината душа како отворена книга. Нејзината посветеност кон литературата може најдобро да се види преку водата, која е често застапена тематика во делото. Интересно е што водата е неопходна за живот, а нишката за овој елемент што се провева низ повеќе поеми сугерира дека токму водата го претставува нејзиното творештво. Таа го гледа нејзиното творештво како нешто без кое не може да живее, а поврзаноста на водата со нечистотитија асоцира на нејзината меланхолија и болка. Најмногу време поминав на поемата Мртва есен. Стиховите „Мртво е сѐ во оваа соба/ниту светлото од ладилникот/со својата жолта боја/топлина не ветува“ даваат сурова слика за дисфункционалноста на семејните односи. Самата поема мислам дека носи друга порака, на којашто поминав многу време обидувајќи се да ја разберам. Бев толку заинтригиран за значењето на гавранот во песната што се консултирав со пријатели за нивно мислење. Ова не ми помогна многу за да го откријам значењето затоа што сите имаа различна интерпретација, но без разлика дали е гавранот е депресија, болест или тагата којашто произлегува од нејзиното творештво, ми помогна да се потсетам на моќта на поезијата - поврзување на луѓето преку нејзината субјективност. Таа допира до секого на различен начин и мислам дека тоа е и целта на ова дело - меланхолијата на авторката претворена во уметност да допре до повеќе луѓе така што секој ќе се поистовети со нејзините стихови на различен начин. Тоа може да се види и во стиховите: „со водата/музика/создавам/од твојот блуз да те извадам“ кои се дел од поемата Вода. На прво читање не размислував многу за значењето на поемите и сметав дека тие беа добри, но што повеќе се навраќав да прочитам некои поеми одново, сѐ повеќе ја здогледував генијалноста на нејзините зборови и скриениот свет што е всаден во нив. Иако повеќе уживав во првите два дела од книгата - „Мојот облак не ме напушта“ и „Светот е плоча од Били Холидеј“ коишто се составени од подолги поеми, сметам дека и „Блуз минијатури“ и „Дисторзија“ на свој начин допринесуваат кон целокупниот израз на чувства што го носи книгата.
Ова е првата книга што ја добив на Goodreads giveaway и ми го направи денот кога ми стигна по пошта. Уживав во секој стих, прекрасен, меланхоличен, ведар и тажен како пролетта, стих кој некаде е навидум едноставен, а се протнува под кожа, во душа, токму онака како ветерот покрај езеро во оваа пролет, па час е топло а час студено, а човек треба да биде подготвен на се - особено на поезија.
Ова ми е веќе трета книга од Јулијана Величковска – по „Рајсфершлус“ и „Годишни времиња“, стигнав и до „Отворена книга“, која, иако формално е поетска збирка, во себе носи една интимна прозаичност, дневнички рез, парче искреност кое не бара тумачење, туку сведоштво.
Ја читав со чувство дека листам нешто што не е наменето за туѓи очи – и токму во тоа е магијата. Јулијана не се обидува да биде поетеса во „висока“ смисла на зборот – таа е глас, таа е човек, жена, љубовница, ќерка, ранета, здрава, цинична, нежна. И сето тоа – одеднаш.
Во еден од стиховите вели: „Скриен во износени чевли, по кои, велат, се познавал човекот. Се познава по чорапот, си мислам. Чевлите се она што дозволуваме да го видат. Чорапот е нашата душа.“ И тука завршува обидот за маска. Од тој момент натаму, „Отворена книга“ е токму тоа – книга што стои разлистена во твојот скут, со срцето залепено на средината. Пишува за она што сите ние го мислиме, ама ретко кој се осмелува да го каже, а уште помалку – да го напише.
Песната „Ме боли“ е еден од врвовите на оваа болна, директна искреност. Со стихови како: „Ми пукна чир, велиш. Ме боли кур, велиш, за баки и марки, за удобни науки, за неверни снаjки…“ авторката создава простор за сите оние кои чувствуваат, но немаат зборови. Болката тука не е патетична, не е барање сожалување – тука болката е концепт, став, отпор. Дури и кога зборовите звучат вулгарно, тие се прочистени од намерата да навредат – тие се тука да отворат, да прободат, да создадат простор каде што смееме да бидеме лути, повредени, и сè уште живи.
Особено ми беше драго што препознав дел од поетскиот стил што веќе ме воодушеви во „Годишни времиња“, но овде, во „Отворена книга“, тој е потполно ослободен – нема рамки, нема почеток и крај, само еден крик, нежно подзасолнет во хартија.
Јулијана Величковска повторно создаде нешто што не можеш само да го прочиташ – мораш да го почувствуваш. Ова не е книга што ја носиш во торба – ова е книга што ја носиш во себе.