Тој - успешен адвокат. Таа - роб на сопствената судбина. Нејзиниот најголем страв е да ја стигне она од кое најмногу се плаши. Тие се љубат. Не можат еден без друг. Но, не можат и еден со друг. И пресвртот се случува ноќта, кога ништо не е како порано. Тој се плаши да се разбуди, оти неговите стравови ќе станат реалност. Тој се бори со своите демони, а таа стравува да не го дочека уторото. Тогаш, неговите очи се отвараат. И утрото, тој сфаќа - неа ја нема. Неговиот живот доживува пресврт кога тој сфаќа дека нема избор, освен да се помири дека неа никогаш нема да ја врати. Сфаќа дека иако ја љуби, треба да се откаже од неа, ама подоцна и од самиот себе. А потоа....
Алегорија за човек што станал свој џелат - “Никој не ја убива љубовта директно. Љубовта ја убиваме кога не можеме да ја издржиме вистината за себе!“
Љубовта, ако не ја носиме како слобода, ќе ја носиме како казна. Вистинската вина не е во убиството, туку во тоа што сме живи после него, затоа што не нè убиваат другите, туку се убиваме самите себе.
Полноќ – време на најтемната темнина, миг помеѓу денот што згаснува и денот што допрва треба да дојде. Полноќ – глува доба, граница, момент на последната прегратка пред крајот на денот кој си оди и оној кој доаѓа.
Сенки – сè она што останува од светлината која згаснува, траги од нешто што некогаш било живо, присутно, светло.
Сенки на полноќ – книга за моментот кога тој го губи и последниот допир со човечноста, а сенките се спомените, вината и неизговорените зборови, како и болката што се провлекува низ секоја мисла. Тие се невидлива присутност на отсутното, она што ќе го прогонува Него. Сенките се неговата внатрешна психичка состојба. Тоа е состојбата на човекот што го уништил она што го сакал и сега живее после онаа граница каде е опкружен со сенките од спомените и каењето.
Љубовта во книгата не е идеализирана, не е спасител, туку е темната материја од универзумот. Таа е судир на две осамени галаксии кои не се судираат за да станат светлина, туку за да го уништат сето она што личи на неа.
Таа сака да побегне од своето минато, тој – од својата сенка. Но во бегството, тие си стануваат замки еден на друг. И не победува љубовта, туку стравот. Стравот од вистината за себе.
Мозокот на ликот е затвор – не како метафора, туку како реалност. Тој не живее, тој се казнува. Секоја мисла е ќелија, секое сеќавање – синџир. Ја чека неа, но длабоко знае дека таа нема да дојде. И го чека денот за некаде во универзумот да бидат пак заедно, ама знае дека тој ден нема да дојде, затоа што рајот не ги прима оние што ја уништиле светлината.
И тука романот не завршува со “крај“, туку со самоосуда.
Оваа книга е крик пред бурата што следи. Затишје пред она што доаѓа. Ако следните негови книги (Ноќта која ја напуштив Прага, Соба 610, Татко ми, Босфор, Седум часот и педесет минути) знаат да ти ја ископаат душата со емоции, тогаш оваа книга е онаа што ја носи лопатата. Оваа книга е почетокот на копачот, оној кој ќе знае како да те скрши со една реченица и со точка на крајот да те воскресне. Затоа што во “Сенки на полноќ“ само те удира со лопатата и се уште не знае како да ти ја доископа душата целосно и затоа оваа книга не треба да се чита заради совршенство, туку заради сведоштво. Сведоштво за почетокот на еден талент кој прераснал, да не речам, во писателско совршенство.