Кусиот роман „Пливање спротиводно“ ја следи приказната за враќањето на Артемида, од Њујорк во Струга. Патување кое е епизодна, но клучна потрага по идентитетот, оној биолошкиот, запоставениот, заборавениот. Романот е поделен на два дела: Зараснато навнатре (Њујорк) и Над површина (Струга).
* * *
„...Едниот дом е дом на раѓањето, другиот дом е дом на иселувањето, а животот е една постојана миграција помеѓу тие две точки, тие два дома. Човекот е дводомно суштество, склоно кон мигрирање, неверно во својата верност, распнато на крстот на моралните предрасуди и осуди.
Ненад Јолдески го демистифицира на поетско-наративен начин тој хронотоп на родното место, но истовремено и ја поетизира потрагата по патот, патот на индивидуацијата, патот на иницијацијата на жената во мајка, на ќерката во свој човек. На тој пат има бројни препреки, како што на патот на јагулите има бројни препреки и стапици, главно поставени од луѓе, од некој близок човек, од семејството, од пријателите. На тој пат смртта е реалност исто колку што е реалност и животот. Изборот е неизвесен, но избор постои. “
Катица Ќулавкова
* * * (Извадок)
До скоро Артемида не ги помнеше своите соништа и спиењето за неа беше само привремена смрт, редовна вежба за вечениот сон, црна табла од која, кога ќе се разбудеше, се ронеше испишаното со бела креда. Црнилата, гробниот амбиент што ѝ дефилираше дотогаш во сонот, се повлече откако престана да ги зема разните апчиња што претходно ги голташе во чудни аритмични интервали – најчесто кога ќе посакаше или штом ќе се почувствуваше нервозно, исплашено и депресивно, понекогаш дури и без да пие вода, само нервозно ќе ги измелеше низ забите и ќе ги голтнеше со плунка и бес. Кога престана да ја зема колекцијата апчиња, се појавија и соништата – студени, подводни, кошмарни – толку многу ја плашеа, што еден ден ѝ се чинеше дека нема да се разбуди од ужасот и ќе продолжи да живее во кошмарите или дека срцето ќе ѝ напукне од страв.
Ненад Јолдески е роден во 1986 година во Струга, Македонија.
Дипломирал на државниот Економски факултет. Магистрирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност на државниот Филолошки факултет на тема „Интертекстуална иронија во модерниот и постмодерниот расказ“.
Автор е на книгата „Штамата на Енхалон“, збирка раскази напишани на струшки дијалект и социолект која ја освои наградата „Новите“ за најдобро дебитантско дело на конкурсот распишан издавачката куќа „Темплум“ во 2009 година.
Во 2012 ја издаде збирка раскази „Секој со своето езеро“за која во 2016 година ја доби „Наградата за литература на Европска Унија“. Книгта е преведена на повеќе јазици.
Во 2018 година, во издание на Или-Или го објави кратокиот роман „Пливање Спротиводно“.
За потребите на уметничката група „Везденски“ од која и самиот беше дел адаптираше неколку сценарија за различни аматерски театарски претстави: „Старица“ – Данил Хармс, Инсомниа – Димитрие Дурацовски и други…
Прекрасно и заводливо! Ми се допадна тоа што Јолдески ја зачинил и збогатил новелата со примеси на американската и македонската култура. Писателот преку новелата и клучниот лик на истата - пламнувачката Артемида го потврдува премостувањето и преклопувањето на границите, ако воопшто се таму. Ако Артемида е божица на ловот, тогаш истоимениот лик во новелата е во потрага и лов по нејзиниот идентитет кој подоцна се расклопува како играчка и паѓа во нејзините раце.
Марта од Горјан Петревски порасна и се отелотвори во Артемида, девојка која се бара себеси некаде во растојанието меѓу Америка и Македонија, домот во кој емигрирала и домот во кој се родила. Јолдески е умешен раскажувач, доволно трезвен за да не биде патетичен и доволно топол за да не биде суров. Во овој негов роман се испреплетуваат сонот и јавето, истите грешки се нанижуваат во приказни што бескрајно се повторуваат, а нашиот лик поаѓа на едно патување во кое учи дека некогаш е најдобро некои прашања да останат неодговорени.
Првата асоцијација за Струга во детството ми беа јагулите. Нивниот пат за мрестење ми беше надреален, приказна. Денес знам дека тој пат значи живот. А, животот има пречки. Како и во приказната на Артемида. Кратко четиво кое ќе ве однесе во Америка и ќе ве врати во Струга и струшкото крајбрежје, од Езерски Лозја до прекрасната Радожда. Четиво за една девојка, колатерална штета на една несреќна љубовна приказна и носител на сличен генетски код, која пробува да се пронајде себе си за да ја најде нова насока во животот.
Користејќи ја добро проверената формула на пишување "Не е битна целта, битно е патувањето" и "За да се спознаеш себеси мора да тргнеш на пат" Ненад ја раскажува приказната за Артемида и нејзината кратка авантура која поради семејни и приватни неприлики патот ја носи од високите облакодери на Њу Јорк до водените пространства на Струга за да дознае повеќе за своите корени и да го пронајде својот билошки татко и неговите родители. Лесно забележливи се метафорите името Артемида - божицата на ловот, во случајов главниот протагонист е во лов на својот идентитет, како и поистоветување на нејзиниот пат со патот на јагулата односно невидливата сила што ја влече во испишување на нејзината предодредена судбина. Романот е лесно читлив и приказната е динамична и би ја препорачал на секој што сака да си го исполни времето во едно врнежливо попладне.