Еве ја новата книга на Лидија Димковска, фасцинантна како и сѐ напишано од неа. Најсилниот глас на современата македонска литература, подеднакво моќен и во поезијата и во прозата, овој пат и на теренот на расказот. И тоа каков расказ. Какви раскази! Збирката „Кога заминав од „Карл Либкнехт“ е смислена како 27 исповеди на луѓе од различни страни на светот чиј живот на некој начин бил поврзан со името на Карл Либкнехт, поточно за адресата врзана со неговото име. Секој од расказите е мини-новела, роман, па и материјал за филм со сите нишани. Јасна слика, атмосфера што лесно може да се почуствива. Звуци, мириси, бои што од приказните лесно се префрлуваат на читателот. Тоа е мајсторството на Димковска, тоа е магијата на нејзиното писмо. Секоја приказна е микросвет сам за себе, а сепак сите заедно се една поголема, компакнта целина. На макро план јасна и ангажирана вивисекција на актуелните случувања во Европа и светот. Миграциски и идентитетски кризи, азилантски приказни, преселби, напуштања, бегања. Поимот дом, (не)вдоменост, дводомност и/или повеќедомност, припаѓање на една и повеќе култури, јазици и преминувањето на многу, многу граници. Еден од ликовите во расказите „Кога заминав од Карл Либкнехт“ вели: „Знам повеќе јазици, ама само на еден знам да раѓам литература“. Ако реченицата од ликот му ја препишеме на оној што го создал, односно на писателот, тогаш за македонскиот јазик нема поголемо признание и радост, бидејќи е пишуван и ширен од автор како Лидија Димковска. Александра Јуруковска
Во 2018 год. пет раскази од книгава како целина го добија Специјалното признание „Европско културно наследство“ во рамките на конкурсот за расказ „Европски приказни“ наменет за добитниците на Наградата на Европската Унија за литература.
Лидија Димковска е родена во Скопје на 11 август 1971 година. Завршила Филолошки факултет во Скопје на групата Општа и компаративна книжевност, а докторирала на тема од романската книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт, Романија. Работела како предавач по македонски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Букурешт. Исто така, таа била уредник на одделот за поезија во електронското списание за култура и уметност „Блесок“.
„Кога заминав од 'Карл Либкнехт'“ ја читав кога заминав од Москва, на аеродромот во Виена. И, можеби, затоа ги почувствував блиски ликовите поврзани со Русија, СССР и неговите поранешни републики. Видов и дека имало улица „Карл Либкнехт“ во московската област. Да ја прочитав книгата на одење, сигурно ќе се потрудев да ја најдам улицата. А, Лидија ќе ја гледам со уште поголема почит и восхит.