Изборот од поетското творештво на Блаже Конески содржан во книгава „Дете – тоа гордо звучи“ (со наслов позајмен од стих од негова песна) е направен од десетина негови поетски збирки, како и од збирката прозни записи „Дневник по многу години“. Преку неа се отвораат нови можности и видици за учениците од основните училишта видливо и читливо да се уверат во сестраната насоченост на неговиот креативен дух, а на надлежните институции да ја увидат потребата од прогласување на дел од творештвото на овој наш неповторлив книжевен и јазичен родоначалник за дел од задолжителната лектира во основните училишта.
Блаже Конески е истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.