Уште едно огромно изненадување за мене! Некако, по целата таа историја со битовите романи во македонската книжевност, очекував најпрво романот со наслов „Куќата на Мазарена“ да биде битов роман, а испадна нешто сосема поинакво, и одлично. Сега, насловот „Џахиз и истребувачите на кучиња“ ме наведуваше да помислам дека ќе читам за тешкиот живот на не знам кој народ под не знам чие ропство или управа... А испадна - роман за еден „Србин по род, Хрват по грешка, Југословен по сеќавање, Македонец во срцето, Французин во документите“, роден со голема џумка на челото и шашливи очи, чиј татко сонувал неговиот син да го освојува светот со големи дела, а не како што испаднало - со продавање домати. И не само тоа: ова е роман за едно парче земја (Жолтковија) во кое никој ни сам не знае што е, а секој еден Жолтко го мрази другиот, Лутко, и затоа во таа земја, полна омраза, ништо не вирее...
Прекрасен роман! Полу-автобиографско дело по чие читање посакуваш уште нешто од авторот, П.А. но знаеш дека, за жал, ни тој не станал тоа за кое неговиот татко сонувал, писател, туку зел да го освојува светот. Јас само се надевам дека некогаш сепак ќе се врати назад од кај и да е, дека ќе седне во неговиот двор во Ѓорче Петров, дека од улицата „Коста Абраш“ ќе доаѓа веселиот џагор на децата , додека неговиот стар пес мирно дреме пред неговите нозе, и дури гледа кон Водно и пие ракиичка, ќе добие идеја да го земе перото и да напише уште нешто. И потем ќе се смее... ќе се кине од смеење.