Во книгата “Златното јаболко и други бајки” се објавени следните три бајки “Волшебниот пат до златното јаболко”, “Писмо до чичко Лом – најголемиот светски сом”, “Од Никаде до Некаде и од Некаде до Никаде”. Во сите нив е присутна еколошката тема, преку која авторот проговорува за новиот современ, урбан и брз живот полн со предизвици и изненадувања. Писателот е обземен од сегашното живеење во градот, но истовремено се навраќа и на случувањата и спомените од детството поминати во село. Во тој волшебен спој и круг, всушност, се одвиваат и течат неговите бајки каде главни јунаци се токму децата соочени и во дијалог со родителите, но и воопшто со светот на возрасните. Бајките учат и подучуваат што е добро а што лошо, да се разликува убавото од грдото и да се издвојува вистинското од лажното. Но, бајките во оваа книга, колку и да се надреални и фантастични, тие како да се случуваат во стварноста, искрени се и доживеани, па дури би рекле и дека се единствени и неповторливи. Тие не се само авторски доживеалици, ниту се само поучни приказни – иако се пред сè тоа, туку се и опомени, водичи и патокази кон поубаво и посреќно утре…
Претенциозно. Кога зборот „бајки“ е споменат во насловот, очекував барем малку фантазија, а добив три еколошки раскази за три деца во кои се зборува за природата, за односот село-град, за детските стравови и соништа... како од некоја читанка за четврто одделение, дури и со поставени прашања на крај од секоја од „бајките“ кои наводно ја правеле оваа книга „интерактивна“.