Jump to ratings and reviews
Rate this book

Последна граница - Книга ПРВА: Истапени сечила

Rate this book
„Последна граница - Книга ПРВА: Истапени сечила“

Во првата половина на 22-от век, демократијата како облик на општествено уредување веќе одамна не постои и заменета е со неократијата, милитаристичко општество, чијашто главна и единствена цел е да се зачува планетата Земја и да се поттикне човековата еволуција.

Во времето кога во Европа и Африка царува наследникот на античката Римска империја ̶ моќната Медитеранска Унија, кога Азија ја делат Сесловенскиот сојуз и Синг Федерацијата... кога Јужна Америка е една огромна држава, а од пеплиштата на некогашните САД, се издига молчаливиот Тексашко-алигенски сојуз, во архипелагот острови кај некогашно Чиле, се раѓаат Големите Куќи.

Анести Симон Рико, младиот центурион и поданик на Големата Куќа Рико, ќе се најде во беспоштедна борба за својот и животот на неговите најмили. Борба против останатите Големи Куќи и мистериозното Братство на Интервентите, коешто има свои планови за иднината на човештвото. Борба што ќе ја измени историјата и ќе им даде сосема поинаков тек на настаните.

„Последна граница: Истапени сечила“ е првиот дел од научно фантастичната авантура, исполнета со eксплозивна акција, беспоштедни битки и блицкриг војни. Авантура што ќе ве држи напнати до последната страница и нема да ви дозволи да мислите на ништо друго, освен на нејзиното продолжение

454 pages, Paperback

First published January 1, 2019

5 people are currently reading
13 people want to read

About the author

Зоран Милошевски

6 books37 followers
Роден е во 1981 година во Битола.
Основно и средно образование завршил во Ресен, дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Живее и работи во Ресен, Македонија.
„Сага за Тројство“ (ПНВ Публикации, 2018) е негово прво објавено дело.
Серијалот „Последна граница“ е составен од деловите: „Истапени сечила“ (август 2019 год.), „Бунар оловни солзи“ (септември 2021 год.), „За грст пекол“ (август 2022 год.), „Калени во крв“ (април 2024 год.) и петтиот и последен дел со наслов „Кобалтна плима“ излезе од печат во август 2025 година.
Првиот дел од новиот серијал „Хрониките на Гарибалди“, со наслов „Децата на Митридат“ е завршен и треба да излезе од печат пред крајот на 2025 година.
Моментално работи на вториот дел од серијалот со работен наслов „Пурпурен гамбит“.

Ratings & Reviews

What do you think?
Rate this book

Friends & Following

Create a free account to discover what your friends think of this book!

Community Reviews

5 stars
9 (81%)
4 stars
1 (9%)
3 stars
1 (9%)
2 stars
0 (0%)
1 star
0 (0%)
Displaying 1 - 10 of 10 reviews
6 reviews
April 26, 2022
Да се има пријател кој ја дели истата страст за читање како и ти е вистинска среќа, но да се има пријател кој успешно и со љубов знае да ја преточи таа страст во сопствено дело е гордост и привилегија.
Првите стотина страници од "Истапени сечила" се оригинален вовед во еден нов свет, не толку далечен и различен од нашиот. Дејствието се развива во една безвременска приказна, со лепеза на личности и настани кои се случуваат во блиска иднина, но секоја личност и секој настан се толку комплетно разработени, што добиваш чувство дека стануваш дел од нив.
За текот на приказната не би сакала да пишувам од причина што таа едноставно се ужива.
Но би сакала да ја нагласам мојата фасцинираност од начинот на кој е опишана демократијата и причините за нејзиниот крах. Како феникс од урнатините се издигнува едно ново општество, едноставно наречено Неократизам, некаква квазиутопија, очекувано новороденче што треба да се негува и кали, а последиците од растењето, се разбира, се очекувани и оправдани.
Токму оригиналноста и комплетноста во опишувањето на причините, начинот и неизбежноста од појава на тој нов поредок, романот иако е научно фантастично дело, заслужува внимание и како своевиден научен труд.
Profile Image for Елена.
289 reviews4 followers
August 30, 2024
Ме плени уште од самиот почеток. Богата и добро осмислена, се чувствува емоцијата вдахната во неа.

Единствената негативна забелешка ми е тоа што книгата буквално ми се распаѓаше в раце додека ја читав, ми се откинуваа страна по страна.
Profile Image for Andriana Ristevska.
223 reviews21 followers
February 23, 2022
,,За некои моменти во животот ниедна школа не може да ве подготви, но може да ви помогне да размислувате рационално и да ги донесете вистинските одлуки."

Во првата половина на XXII век, демократијата ѝ го отстапи местото на неократијата. Луѓето се стремат кон зачувување на Земјата и поттикнување на човековата еволуција. Па така, технологијата е отстранета и за нејзина замена останати се само најобични комуникатори, а Вечноста се појавува на местото на религијата. Големите Куќи се формираат како резултат на неприфаќањето на неократијата. Тие си имаат свој внатрешен систем на управување и нови правила кои треба да ги почитува секој. Меѓутоа, секогаш ќе постојат оние кои никогаш нема за бидат задоволни и по пат на војна ќе се стремат кон остварување на своите себични цели.

Анести Симон Рико со својата чесност ќе стигне до титулата 'војвода' во Големата Куќа Рико, а со тоа ќе стекне и многу непријатели од кои треба борбено да се брани како за неговиот, така и за животот на своите најблиски. А секако, тука е и Братството на Интервентите коешто мистериозно си го пробива патот кон остварување на своите планови за иднината.

Што и да кажам мислам дека ни приближно нема да ја пренесам големината на ова дело. По оваа книга, Зоран Милошевски дефинитивно е член на мојот клуб на омилени автори. Пишува книги чиишто жанр е ретка појава кај нас, научна фантастика. Овој жанр е многу комплексен за пишување, но Зоран прави да изгледа како секој да може да го напише.

На почетокот веднаш се среќаваме со многу ликови и малку ми беше тешко да навлезам во приказната, но по обемниот пролог коцките совршено си се наредија во мојата глава и непрекинато си се одвиваа настаните.

Приказната ќе го натера читателот да се замисли за сето она што (не) го прави за Земјата и за тоа како (не) размислува за иднината. По еден век од сега ќе помислите дека луѓето се освестиле и конечно ги презедоа работите во свои раце. Но не, историјата која е толку многу критикувана се чини како да се повторува.

Многу убаво е доловена природата на човекот и сите негови особини. Се воодушевив како е усовршен секој еден детаљ. Како што напомемав претходно, книгата содржи многу ликови, но секој е прекрасно опишан и вклопен во приказната.

Анести Симон Рико е убедливо најдобар лик што го имам сретнато во книга. Интелигентен и борбен лик кој и покрај неговото огромно знаење и 'читање на просторијата' се однесуваше согласно со неговиот чин и се покоруваше на оние над него. Неговиот променлив однос со Игор Леви Антона е најдоброто напишано нешто во историјата на книжевноста.

Возбудлива, тензична, непредвидлива и полна со адреналин акција која го држи вниманието од самиот почеток. Крајот ќе ве натера да седите на работ од столчето и да ги гризете ноктите.

Со читањето на ,,Сага за теојство" мислев дека ја најдов омилената книга од тој жанр (и општо), но се покажа дека имала моќна конкуренција. И тоа излезе дека е самиот автор.
Profile Image for Anchi.
412 reviews93 followers
Read
April 28, 2024
Баш бев возбудена за книгава, ама тешко оди работава. Толку да се немало усет за интерпункциски знаци.. Најчесто, сложена реченица не може да тече без ниту една запирка. Природно доаѓа усетот за потреба од кратка пауза во говорот, никој не збори слеано и ко навиен во реален живот.

Примери од книгата:
- ,,Неговата мајка се грижеше и за униформите на неговите браќа таа ги испра и испегла униформите во кои загинаа.”
- ,,Беше облечен во истата униформа како неговата разликата беше само во чиновите.”

Запирка, точка, цртичка? Нешто??
Ова го немам сретнато во ниту една книга досега. Некои реченици мора да ги препрочитувам за да не ми побегне контекстот. Не сум воопшто експерт, ама некои правила во граматиката се најосновни.

Ќе пробам да ѝ дадам шанса и покрај тоа, па ќе видиме дали нешто ќе испадне..
Profile Image for Јордан Kocevski).
Author 10 books147 followers
December 26, 2019
Ако некој жанр му недостига на нашиот литературен пазар тоа дефинитивно е научната фантастика. Затоа предизвикот пред оваа книга да ја задоволи нашата читателска публика на ова поле е огромен. Со задоволство можам да кажам дека Истапени сечила успешно поседува сѐ што една добра книга од жанрот треба да има: интриги, љубов, акција, ривалство, фантазија раскажани со прекрасен стил кој ќе ве воведи во светот на Неократијата и Големите куќи.
Profile Image for Кире Мастерс.
45 reviews2 followers
July 7, 2024
Партија шах меѓу повеќе играчи. И иако секоја од фигурите се борат за своите кралеви, секоја има сопствена волја.

Првата книга ги поставува овие фигури на таблата.
Profile Image for Biljana Bogdanovska.
182 reviews4 followers
December 15, 2021
Многу храбра книга. Комплексна. Многу ликови, имиња и Големи куќи. Треба концентрација за да се пофатат деталите, кој, кому, што и кога. Но, заслужува внимание, а поттикнува да се запрашаме на кај тераме. Едно е да се знае историјата, да се почитува традицијата, но никако да најдеме рецепт за иднината. Пробувајќи да го подобриме светот, односите во него, некаде ја грешиме. Постојано, како човештво се враќаме на добро познатите методи - војни, непријателство, надмоќ. За некој да биде над - секогаш треба да има некој што е под (тоа ме разочарува).
Сепак, книгата нуди различни размислувања за тоа како може да се развива светот понатаму. Дејството сместено еден век подоцна од сега и нешто помеѓу, дава слика на едно ново општествено уредување, што мене ми се чини дека повеќе сака, отколку што може. Методите да се постигне напредок се темелат на историските придобивки, а целите се далеку покомплексни од оние низ историјата. Ако порано се почнувала војна за да се заграби територија (читај: ресурси), не гледам како војна сега, може да придонесе за развој на екологијата на пример. Тоа е само една размисла на која ме натера книгата.
Инаку секоја чест за оживување на одамна изумрените јазици, за промовирање на образованието, поезијата, за (Хрватите имаат најубав збор за ова - теловежбата) за војниците да се физички спремни... Одлично смислени имиња, а им се дава на значење на континенти кои не така често ги среќаваме во современата, па и класичната литература, освен кога доаѓа од тамошни писатели (Јужна Америка, Африк��, регионот на Балканот, во една поширока, светски важна констелација, не само како извори на конфликти).
Личните приказни на неколку актери кои се носечки во приказната го држат вниманието како читател и сакате да дознаете што се случи со нив. За тоа ќе треба да се прочитаат вториот, третиот, па и четвртиот дел кој е во најава.
Не знам дали во следните делови е разработена улогата на орбиталните градови, кои овде само се споменуваат, но таа информација ми фали.
Книгата ги има сите нишани на роман - сага, од формирање држави, нивно раководење, преку љубов, преземање на партнерите, другарство, херојство, доза лудило, до челичен збор за одлука.
Ми се допаѓаат и описите на градбите, особено што се инсистира на природните материјали, камен и дрво.
Препорака: Читајте ја во зима, кога нема да може да излезете од дома со денови. Тогаш веројатно единствено ќе ја имате концентрацијата што е потребна.

Profile Image for Dejan Velichkovski.
1 review
November 20, 2019
Збор, два за „Последната граница, Книга ПРВА: Истапени сечила“, при што ќе се обидам да не обелоденам премногу за судбините на ликовите.
Бегалци и протерани од своите домови. Огорчени и уморни од животот во „караванот“ што плови на отворено море хероите на оваа приказна, водени од природниот инстинкт на луѓето да преживеат си освојуваат група острови каде што создаваат своја земја! Додека опасноста е надвисната на нивните глави, во рамките на човековата природа, го следат својот водач и сложно создаваат плодно, витално и просперитетно општество. Тука повторно, во рамките на човековата природа, започнуваат поделбите, натпреварите, гладот за моќ и иако не постои прецизен вид религија, сите седум смртни гревови се проткаени низ карактеристиките и делата на ликовите во ова дело. Новото општество никако не успева да остане имуно на надворешните фактори, кои во ликот на одредени институции и алијанси нудат облици на соработка, поддршка и заштита, понуда која делови од веќе поделеното ново-воспоставено општество ја прифаќаат, што пак од друга страна, ги поттикнува оние кои не се согласуваат со таа одлука да делуваат „воспитно“, па со остриците на своите мечови се впуштаат во мисија за дисциплинирање на „одметнатите“.
До овој момент писателот не воведуваше и ориентираше во светот каде што ќе почне да го води дејствието на оваа приказна врз плеќите на два исклучително силни ликови. Би можел да ги ставам во конзервативни рамки на херој и антихерој, но тоа е премногу лесно и неправедно кон потенцијалот за комплексност што го поседуваат нивните личности.
Општеството во кое растат и се развиваат овие два лика, Симон и Игор, некако е „наштелувано“ како маркантна вредност да ја има древната витешка чесност, морал и етика. А таа вредност овие ликови ја заслужуваат и заработуваат преку исклучителната храброст, остроумност и физичка подготвеност за борба како и убиствениот талент во ракување со сите видови оружја. Нивното непријателство некако им е припишано дека е нивно лично, а всушност тие само го наследуваат антагонизмот меѓу двете големи куќи кои „успешно“ се мразат повеќе од осум децении. Ако нешто можеме да почувствуваме во нивниот однос, барем според мене, е искрена меѓусебна почит и пријателство. Овие двајца, ќе се осмелам да ги наречам јаничари, иако не се од крвната лоза на големите куќи, се нивните најистакнати борци спроводници на идеалите на куќите. Можеби сепак жената меѓу нив, првин во прегратките на едниот, човек од другата куќа - тивко оспорувана врска од нејзиниот татко и глава на куќата, а сега во нова љубовна врска со смелиот витез од сопствената куќа, би рекол дека е вистинското нешто за кое овие јаничари би си посегнале по животот еден на друг.
Одмаздата. Вечната тема - битот на човештвото, неизбежно се наметнува во нарацијата кај писателот, па релативно брзо сфаќаме дека климаксот е тука некаде, демне и го чека својот момент да биде испорачана. Иако можеби опасноста е насетена, конечниот резултат делува дека е токму како што планираат одмаздниците или... дали се одмаздниците само инструмент во нечии раце?
Продолжението на „Истапени сечила“ ќе даде одговор на ова и на уште неколку прашања. Новите страници во животите на јунаците „јаничари“ ќе не транспортираат повторно во овој свет што писателот вешто и макотрпно го создаде за нас читателите и љубителите на овој жанр, а едно нешто ќе ви кажам, војводата Анести Симон Рико претендира да стане еден од најмаркантните ликови во научната фантастика!
Profile Image for Goce Markovski.
5 reviews2 followers
January 26, 2021
Истапени сечила е научно фантастичен роман, чие дејство се одвива во блиската иднина, во кој авторот на многу динамичен начин, исполнет со многу акција, напнатост, интриги и неизвесности, успева да ни ги долови геополитичките услови кои се резултат на пропаста на демократијата. Демократијата, како најголемото зло што му се случило на човештвото, неминовно е да биде заменето и да се изнајде ново уредување, кое нема да води кон деградација и пропаст, кон привидна благосостојба и модерно ропство, туку ќе поттикнува континуиран напредок и развој. Неократијата, за разлика од лимецерниот став на Демократијата, отворено ја прифаќа и ја негува војната, како составен и потребен дел од човечката природа. Таа станува неразделив дел од секојдневното живеење. Со помош на мали, краткотрајни, контролирани војни, се тежнее кон постојан напредок, а воедно се избегнува сеопшта, сеуништувачка војна која би можела да значи и крај на цивилизацијата. Во првиот дел од тетралогијата се објаснува појавата и формирањето на големите куќи, нивните меѓусебни односи и односите со остатокот од светот. Многу добро, во согласност со духот на времето, се разработени и меѓучовечките односи, како внатре во самите големи куќи, така и помеѓу припадниците на различни, па дури и непријателски настроени големи куќи. Книгата изобилува со прекрасно изградени ликови, детални описи, интриги, а најмногу од се акција. Авторот толку успешно не воведува во начинот на војувањето и самите битки, што добивате впечаток дека и вие сте еден од учесниците и соживувате со вашите соборци. Додека читате напнатоста постојано расте и не спласнува, а тоа ве тера да не можете да престанете со читање се додека не ги прочитате и последните страници од книгата, а тогаш таа ќе ве остави нестрпливо да го очекувате нејзиното продолжение.
Profile Image for Nenad Rafajlovski.
1 review1 follower
February 6, 2021
Како да ги пренесеш своите впечатоци за една книга доволно описно за да бидат разбрани и пред сѐ достојни на делото кое го опишуваат, а сепак и доволно кратко, за да бидат прочитани во целост и без „претрчување"? И уште... како да докажеш дека впечатоците кои ги пренесуваш се искрени и дека не се претерани поради тоа што авторот ти е пријател? Не знам, и така незнаејќи ќе се обидам...

Очекував да биде одлична, секако. Имам прочитано некои делови многу одамна, некои и во ракопис (да, почетоците на ова дело се во времето кога и класичните компјутери ги немаше баш на секој чекор, за лаптопи и да не зборуваме), ги знам во груби црти главните заплети на приказната, дури и сум сугерирал некои ситници (воглавно од „техничка" природа), така што секако очекував врвен квалитет.

Добив и повеќе од тоа. Искрено оставам можност дека сум МАЛКУ субјективен, но без да им правам „спојлери" на оние кои ќе решат да ја читаат, ќе наведам неколку (од многуте) причини за мојот став:

Ликовите и покрај тоа што се многубројни, се содржајни, нивните карактери јасно изразени и сето тоа е пренесено на еден елегантен и концизен начин, во одредени случаи дури и со само една реплика на конкретниот лик во дадена ситуација.

Описите на ликовите, местата и на ситуациите се перфектно одмерени и „дозирани" за да ви пренесат богата филмска сцена во главата без притоа да ви „цртаат", или разговорно кажано, да „ја тупат".

Интригите и пресвртите со кои приказната секако изобилува се природни, и колку и да се на моменти сложени, не се усилени, не се додавани со цел „заплетот да е што позаплеткан" туку имаат совршена смисла. Како своевидна „контратежа" има и ситуации каде што драмата се расплеткува на сосема едноставен, праволиниски начин, детаљи за кои ќе помислите дека се битни а ќе се покаже дека не биле... сѐ на сѐ, реален приказ на реални текови од реалниот живот.

Можеби ќе додадам нешто во коментари, но овде ќе скратам: во зависност од повеќе фактори, можеме светот кој ни го претставува некоја книга д�� си го замислиме бледо или интензивно, можеме да го доживееме и почувствуваме, а можеме и да се слееме во него, толку уверливо што по читањето сеќавањата повеќе наликуваат на сеќавања на лично доживеани отколку на прочитани настани. наредната!!!)
Како да ги пренесеш своите впечатоци за една книга доволно описно за да бидат разбрани и пред сѐ достојни на делото кое го опишуваат, а сепак и доволно кратко, за да бидат прочитани во целост и без „претрчување"? И уште... како да докажеш дека впечатоците кои ги пренесуваш се искрени и дека не се претерани поради тоа што авторот ти е пријател? Не знам, и така незнаејќи ќе се обидам...

Очекував да биде одлична, секако. Имам прочитано некои делови многу одамна, некои и во ракопис (да, почетоците на ова дело се во времето кога и класичните компјутери ги немаше баш на секој чекор, за лаптопи и да не зборуваме), ги знам во груби црти главните заплети на приказната, дури и сум сугерирал некои ситници (воглавно од „техничка" природа), така што секако очекував врвен квалитет.

Добив и повеќе од тоа. Искрено оставам можност дека сум МАЛКУ субјективен, но без да им правам „спојлери" на оние кои ќе решат да ја читаат, ќе наведам неколку (од многуте) причини за мојот став:

Ликовите и покрај тоа што се многубројни, се содржајни, нивните карактери јасно изразени и сето тоа е пренесено на еден елегантен и концизен начин, во одредени случаи дури и со само една реплика на конкретниот лик во дадена ситуација.

Описите на ликовите, местата и на ситуациите се перфектно одмерени и „дозирани" за да ви пренесат богата филмска сцена во главата без притоа да ви „цртаат", или разговорно кажано, да „ја тупат".

Интригите и пресвртите со кои приказната секако изобилува се природни, и колку и да се на моменти сложени, не се усилени, не се додавани со цел „заплетот да е што позаплеткан" туку имаат совршена смисла. Како своевидна „контратежа" има и ситуации каде што драмата се расплеткува на сосема едноставен, праволиниски начин, детаљи за кои ќе помислите дека се битни а ќе се покаже дека не биле... сѐ на сѐ, реален приказ на реални текови од реалниот живот.

Да скратам: во зависност од повеќе фактори, можеме светот кој ни го претставува некоја книга да си го замислиме бледо или интензивно, можеме да го доживееме и почувствуваме, а можеме и да се слееме во него, толку уверливо што по читањето сеќавањата повеќе наликуваат на сеќавања на лично доживеани отколку на прочитани настани. Е, ова, последново...
Displaying 1 - 10 of 10 reviews

Can't find what you're looking for?

Get help and learn more about the design.