Книга за љубовта во услови на гранична или кризна ситуација, за љубов проткаена низ дневнички монолошки исписи – изрази на една деценија нестивнат љубовен копнеж, постојано одново упатуван и еднакво копнежлив во скритоста, љубов низ три времиња, развивана во лавиринтите на факцијата и фикцијата, на сладоста и копнежливоста, извлечена од социјалната стварност и колегијалните односи во секојдневието, од грдотијата и хаосот на војната.
„Дневници на една љубов“ е приказна за една љубов која всушност е поголема и од самата љубов... „Дневници на една љубов“ приредува вистинско читателско уживање, тоа е роман кој се чита во едно попладне, едноставно е создаден да биде конзумиран во еден здив, роман кој најпрвин ќе ве заведе со својата едноставност и леснотија, за потоа како пајак да исплете мрежа околу вас, да ве маѓепса и да ве натера и самите да станете дел од една трогателна приказна...
Читајќи ги дневниците постојано се прашував дали може навистина да постои толку длабока, искрена, нежна а во едно и силна љубов, која ги премостува сите препреки, сите забрани, ги издржува сите предизвици и истрајува до крај, ветувајќи ја вечноста. Ова ми е втора прочитана книга од Лилјана, која ме остави воодушевена и исполнета со љубов и болка.