„Нека играат децата“ е прва објавена книга на Денис Бојаров и претставува збирка раскази наменета за различни возрасни категории, која обработува социолошки, психолошки и филозофски теми поврзани со децата, со семејството, но и со човекот, воопшто.
Во голема мера книгата изобилува со автобиографски приказни, збогатени со имагинативната нарација, преку кои авторот воспоставува комуникација и блискост со читателот и му испраќа емотивни и моќни пораки.
Нараторот преку гласот на децата, преку родителите, животните и растенијата комуницира со читателот и му дава еден готов производ од ликови и настани од нашето поднебје, со кои сите ние се идентификуваме. Педесет и еден расказ на број, тематски слични, сепак со поинакво сиже и поуки. Ова се раскази што ќе ја поттикнат емпатијата во вас.
„Она што е особено впечатливо за расказите на Бојаров е умешноста за обраќање директно кон емоцијата на читателот, кој ги препознава ликовите од нашето поднебје, настаните што може да бидат и туѓи и на нашите блиски, и лично наши и на авторот и на раскажувачот, и токму ваквата идентификација не само што не нѐ остава рамнодушни туку и создава силна врска меѓу нас. Пораката на секој од овие раскази е, можеби, најсилната нивна алатка. Праќањето порака преку зборовите, комуницирањето на авторот со читателот во и преку текстот, секако, на еден начин кој е суптилен, скриен и деликатен, е одлика на веќе изградените писатели.“ Фросина Пармаковска
„Денис Бојаров несомнено ги освојува симпатиите на родителите и децата, но и воопшто на семејствата и на човекот како зрело и разумно создание. Тој многу вешто, мајсторски и со префинет стил пишува за потесното и поширокото семејство на начин што никој не пишувал долго време. Неоспорно е дека овие раскази со секавична кондиција ќе ги освојат симпатиите на читателската публика. Се работи за поучни раскази што носат многу силна порака и што ќе ви послужат да ги стоплите односите во семејството, ќе ја разбудат емпатијата во вас, ќе ве потсетат, научат и освестат за вашиот однос и внимание кон децата, животните и природата, ќе ви овозможат да доживеете душевен ораториум. Книга која дефинитивно ќе сакате да ја препрочитате одвреме-навреме за да се потсетите на смислата и на убавата страна на животот.“ Венко Андоновски
„Нека играат децата“ ја доби наградата „Книга на годината“ на меѓународната литературна манифестација „Литератопија“ 2020.
Денис Бојаров е роден на 4 јуни 1987 година во Штип. Основното и средното образование ги завршува во Радовиш, а високото во ФЛФ „Блаже Конески“ – Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Во последните петнаесетина години живее во Скопје и активно работи како преведувач од турски на македонски јазик и обратно во здружението „Румели Чичеклери – здружение за наука и култура – Скопје“, лектор е по македонски јазик, предава приватни часови по македонски на странци и е еден од авторите на Дигиталниот речник на македонскиот јазик. Вљубеник е во книгата и книжевниот свет и честопати пишува свои осврти и видувања за прочитаните книги, кои неретко се објавувани и во списанија и весници. Неговите писанија се ценети и високо вреднувани и од издавачките куќи во Македонија. Меѓу другото, учествува на повеќе книжевни читања и е добитник на десет награди, од кои најмногу се радува на првата награда и трофеј за прво место за поетската творба „Афродита“ на литературната манифестација „Охридијада, 2018“; Прва награда за најдобра поетска творба под наслов „Љубовта е најубава“ на поетската манифестација „Гордана Коцева, 2019“; Награда за убав стил на пишување поезија на литературната манифестација „Охридски бисер на поезијата, 2019“ и диплома за најдобар расказ под наслов „Нека играат децата“ на меѓународната манифестација за литература, уметност и култура „Планетопија, 2019“. Автор е на збирката раскази „Нека играат децата“, во издание на Антолог. Автор е на збирката раскази „Нека играат децата“, во издание на Антолог, која ја доби наградата „Книга на годината“ на меѓународната литературна манифестација „Литератопија“ 2020. Во 2021 година е застапен и во учебникот по Македонски јазик за 4 одд., со дел од расказот „Убавиот збор железни врати отвора“ од книгата „Нека играат децата“.
Многу убави, топли раскази инспирирани од секојдневието. Се читаат брзо, ама остануваат во сеќавање за да ви ги буричкаат вијугите за тоа што е добро, лошо, исправно и неисправно.
Раскази што ќе ве потсетат на вистинските вредности во животот, преку пријателството, семејството, соседите, колегите и околината, работи кои некако сме ги заборавиле сите ние. Книгата е како водич низ секојдневието, прикажувајќи не какви сме, ама и какви можеме да бидеме. Ова е книга што бара препрочитување и препрочитување.. Моја препорака до читателите ⭐⭐⭐⭐⭐
Оваа книга е збирка од раскази кои од близу го опишуваат нашето секојдневие. Секој расказ е изваден од животот на самиот автор, со интересни, тажни и смешни случки, а најважно е што на секоја страница се крие некоја порака или поука со мудра, сатирична или морална основа. Најмногу ми се допаѓа емоцијата која ме допре до душата...плачев со родителите на близнаците, со бабата, со полицаецот што имал ќерка, со девојчето што продаваше паломи, се смеев со веганката, со полицајката, со водоводџијата, со сладоледот на стапче, размислував за секој збор, за секој што веќе не е со нас, за највредните што можеме да ги слушнеме, да ги гушнеме, колку да бидеш човек прави разлика. И првото што го направив откако ја затворив книгата - ѝ се јавив на мама, само да и го слушнам гласот, смеата, да слушнам како ѝ поминал денот и да ѝ кажам дека ја сакам. Прочитајте ја книгата има многу што да се научи од напишаното. Можеби баш сега е време да смените нешто кај себе.
Убаво е кога човек добива чувство дека не е сам. Дека постулатите на личноста кои ги градиме низ животот не се залудни и безвредни, иако средината во која живееме често пати знае тоа да ни го врати назад како удар, а општеството со многу замки да ни покаже дека не е лесно да си личност со изградени принципи и вредности. Убаво ми е што прочитав приказни од животот, раскажани со многу емоции, многу искрено и ненаметливо, а сепак такви кои продираат длабоко и чепкаат во срцето. Денис е многу вешт раскажувач, непосреден и прониклив во својот творечки талент. Пишува за теми кои ни се дел од секојдневниот живот, вредности кои секогаш се на цена, а се чини сите помалку забораваме на нив. Читањето на сите раскази е едно незаборавно патување со попатна лекција. Солзите кои несвесно ќе ви потечат од очи се само доказ за врвната умешност на авторот да ве допре подлабоко одошто и самите сте биле свесни!
Љубовта е нашиот најубав следач. Сите нѐ следи. Штета што понекогаш ние не ја следиме неа, па дури и ја блокираме, а таа само сака да ни го разубави животот. Затоа засукајте ракави и лајкувајте сѐ што ќе објави љубовта.
Според мене, овој цитат во целост ја објаснува книгата. Секоја приказна е напишана со љубов и е посебна сама за себе, со своја порака.
Денис со своето првенче докажува дека е зрел писател од кого допрва следат врвни дела! Расказите зрачат со топлина и иако повеќето се кратки, во себе носат хумани пораки кои го отсликуваат нашето секојдневие.
Kniga koja osvojuva uste so prvite stranici i koja dolgo ostanuva vo secavanje so prekrasnite prikazni napisani od Denis vo koi se pronajdov i jas. Ednostavno mora da ja imate
РАСКАЗИ ЗА ПРОДЛАБОЧУВАЊЕ НА ПОТРЕБАТА ЗА СПЛОТЕНОСТ (Кон збирката раскази „Нека играат децата“, Денис Бојаров)
Човековата потреба за сигурност или за припадност се пориви со силна емоционална потреба. Во моментите на нивно исполнување, среќата зрачи од човековото срце. А нејзиниот корен се наоѓа во детството. „Многу е тешко човек да биде среќен ако никогаш немал среќно детство“, вели авторот на збирката раскази „Нека играат децата“, Денис Бојаров. Уште во првиот расказ, тој ја најавува размислата околу која ќе се движи читателот- чувството на припадност и неговата важност. Освен тоа што детството на секој човек е најголемата сплотеност со себеси, оти тогаш чувствата и кон себеси и кон околината се најискрени и најчисти, тие според Бојаров се и негова татковина! Татковина во смисла на искрено припаѓање кон родна земја. Во овие раскази, родниот праг е и човековата самодоверба, чувството на поврзаност со себеси и довербата во сопствените квалитети, па така согласно декартовата филозофија, и Бојаров си поставува своја- „Јас сум тоа што сум“, односно перципирањето на нечие постоење, во случајов сопственото, го прави тоа нешто да постои.
Изразувањето благодарност, особено на најблиските, чија улога во нашите животи честопати ја забораваме зашто е повторувачка, значи гест кој обичниот ден може да го претвори во празник. Во делот на благодарности спаѓа и благодарноста кон Творецот, за обични нешта кои нѝ се подарени и кои несвесно ги практицираме секој ден, а тоа го поттикнува чувството за самосвесност, бидејќи тоа е првиот чекор кон развојот на личноста.
Ова е збирка раскази што спојува светови и емоции, што го проучува битието, неговите општи, фундаментални и конститутивни својства. Пишувајќи за чувството на среќа, несреќа, опишувајќи ги „следачите“ во човековото секојдневие, Бојаров низ своите раскази, преку соодветен наратив и уметничко- литературен стил низ сликовитост и изразност што ја активира фантазијата и размислувањата на читателот, ги опишува состојбите на човековата душа, притоа истакнувајќи дека „љубовта е нашиот најубав следач“.
Дидактичноста на овие раскази е уште еден елемент што ги краси. Во расказот „Животот е убав“, авторот, на нему својствен начин, нуди одговори на прашањата што секој самосвесен човек си ги поставува: „Што е животот и која е неговата улога во овој свет?“ Бојаров, со своите способности на писател што сака да оствари позитивно влијание врз читателот и како личност што сака да помага, за животот вели дека е воз со кој сите патуваме, но исто така вели дека „животот е дар, животот е енергија што се шири низ нас, животот е убав“ и дека треба да го цениме. Расказите во оваа збирка изоболуваат со емоции, со секвенци од животот на авторот, претставени како приказни со поука за читетелот и со метафизички скокови. Во расказот „Те разбирам, другар, и јас сум од Радовиш“ се опишуваат знаменитостите на родниот град на авторот, во кој времето му минува многу брзо, како да е надвор од просторот и од времето и како тие да се вечни и непроменливи. А такви се и „малите работи“ кои се претставени со реторички прашања и кои за луѓето се навидум беззначајни, но Бојаров ставајќи ги во расказ ја овековечил големината на нивното значење: прегратките, бакнежите, готвењето, грижата за најблиските...
Гордоста како особина на човекот, во овие раскази не е претставена како самофалба туку како поттик дека треба да бидеме горди на она што сме денес, на нашите претходници кои се вложиле за нас, на историјата која според авторот е „поука и од неа треба да се учи како и зошто да не се повторуваат грешките“. Во таа смисла, Бојаро�� изразува благодарност со потсетување дека чувството на гордост не е само статус туку и обврска, бидејќи борбата не е завршена и сѐ уште трае.
Низ сите раскази провејува љубовта, како чувство шт�� е претходница на некој херојски подвиг. Во таа смисла, авторот упатува порака до секој читател дека треба да го живее мигот сега и овде, за да не зажали во иднина за пропуштеното време или детство и до родителите, да го разграничат нивниот начин на среќа со тој на децата, а со тоа потврдувајќи ја определбата на авторот за насловот на збирката. Спортед него, најважна е среќата, односно среќното детско срце кое најмногу се радува на играта. Играта, како момент на ослободување и како почеток на љубовта за создавање херојски дела.
Бојаров го претпочитува личниот однос на човекот кон светот, уверувајќи ги читателите дека тие треба сами да се уверат дека нештата се добри поради некоја причина и аналогно на тоа вели: „времињата и условите се менуваат, но приказната на луѓето останува иста“. Слично како и во филозофијата на данскиот филозоф од XIX век, Кјеркегор, и за Бојаров егзистенцијата е еднократна и неповторлива, бидејќи таа е конкретно постоење. Живеејќи со апсурди и парадокси, за човекот најважна цел на живеењето е сфаќањето дека не треба да се пропушти мигот. А така живеејќи оставаме жиг на своето постоење.
Со ова свое дело, авторот Денис Бојаров секако дека остава белег за времето во кое живее, но не само во сегашноста, траен белег е оставен и за во иднина!
Збирката раскази „Нека играат децата“ на Денис Бојаров е непремостлив извор на мудрост, а секој расказ е соодветно четиво за најмладите читатели, бидејќи расказите се поучни, но исто така се совршен додаток за одмор од катадневните грижи и проблеми за возрасната публика, а којашто е заинтересирана за надградба или потврда на сопствените ставови во поглед на сплотеност со другите луѓе.
Прекрасни поучни раскази, блиски од животот на сите нас. Иако навидум едноставни, сепак многу длабоки со длабока размисла, кои ќе те потикнат на размислување, а некои и ќе те насмеат. Ја препорачувам книгата за секој.
Само што ја завршив. Не сум некој стручњак во пишување рецензии, но ќе кажам дека јас толку емоции во една книга одамна немам доживеано. <3 Да бидам искрен очекував многу, но ова ги надмина сите мои очекувања. Денис, ти знаеш како да допреш до луѓето. Расказите ти се многу емотивни, многу поучни, некои од нив хумористични, некои тажни, ама сите се многу убави. На некои од нив се смеев, на некои се натажив, но се освестив за многу работи. Животот е краток и вреди да го живееме со луѓето што ги сакаме. Се пронајдов во многу од нив, но ова е можеби најголемата порака што ја извлеков јас од книгата. Баш се народски, а многу мајсторски пишувани. Верувам дека секој од нас ќе се пронајде во расказиве. Некои од нив ги прочитав по двапати, а во иднина ќе си ги читам повторно. Според рецензиите од Венко Андоновски и Фросина Пармаковска гледам дека и они се чувствувале како што јас се чувствувам во моментов. Сите раскази се преубави, но ќе си дозволам да ги набројам моите омилени, а тоа се: Близнаците; Бојан; Од Истанбул до Скопје; Нека играат децата; Лиридон; Отворање подароци; Добре дојдовте во Велика Британија; Плочки; Татко на три деца; Семиња; Портрет; Самодоверба; Ќерката на 10 декември; Животот е убав; Гордост; Пророкот што осудуваше; Јави се затоа што можеш; Следачи и други. Мислам дека не ги набројав сите во книгата. Многу ми е драго што имам една ваква книга дома.
Не очекував многу, но баш пријатно ме изненади ова мало книжуле со раскази. Би сакал уште нешто од овој автор, но изгледа оваа му е единствената испечатена книга.
Бев скептична кон новите македонски автори затоа што најчесто ме разочарувале, но ова е нешто што ме воодушеви. Некои од расказите треба да ги има во учебниците за основно и средно образование.
Уживав во сите раскази, ми ја стоплија душата. Дури ги препрочитав по два пати. Полни се со емоции. Секој расказ посебна приказна. Во некои ликови се пронајдов јас, а во некои ги препознав ликовите од нашето општество. Реални приказни од секојдневието кои држат внимание и во кои се внесуваш целосно. Нема непотребни описи на било што, приказната е таа што те вози. Ова е книга што дефинитивно заслужува да биде во сечиј дом. Веќе се пишаа многу рецензии, да не го тупам и јас, имам и јас свои омилени раскази како и вие, но еве ќе ставам еден мал цитат од феноменалната завршница од последниот расказ во книгата.
„Ако немаш глас за спасување и за вдомување на уличните миленици, за загубените животи во војните низ светот, за правото на глас на жените, ако молчиш пред повикот и поттикот за говор на омраза и дискриминација врз основа на пол, род, етничка припадност, припадност на маргинализирана група, социјално потекло и која било друга основа, ако немаш заеднички јазик и меѓусебно општење со лишените од способноста за зборување – тогаш кој е немиот?“
Делото е прекрасно, секој расказ е од реален, инспириран од човековото секојдневие и поради тоа пред сѐ емотивно го допира читателот. Според мене ова е прирачник за животот, од ситуациите ја добиваме и пораката којашто авторот ни ја испраќа. Верувам дека на расказите секој ќе сака да се навраќа,а јас со сигурност ќе го читам повеќепати.
Една личност може да направи и друга личност да стане добра. Имаме шанси да го избереме најдоброто за нас, шанси во кои треба да сме благодарни што сме живи и сме се разбудиле, впивајќи ги зраците од новиот ден. Прави добро за да ти се врати со добро. Нека кантарот на животот ни мери само добри дела, бидејќи така, ќе прераснеме во вистински луѓе и победници . 10/10 Браво, Денис. ♥️👍
Ова е една книга со кратки раскази но длабоки ко бездни, толку моќни што продираат до сржта, со многу кажани вистини што предизвикуваат емотивни експлозии и се вселуваат длабоко во умот, како капка мастило во чаша вода. Зборовите се шират полека и тивко кои ја обојуваат душата на читателот.
Читајќи ги ќе научите дека среќното детство е подарок од родителите за времето поминато со нив. Ќе научите дека сиромаштијата е дупка во чевелот на надежта, ама човек што му подава рака на друг човек е побогат и од најбогатиот човек. Ќе сфатите дека помошта не е милост туку игра која треба да ја играте, оти животот не е секогаш праведен. Ќе прочитате дека загубата на најмилите не е загуба, тие живеат уште бидејќи ние сакаме да живеат преку нас. Дека семејството од пријатели е како куќа без ѕидови доволна широка да ги собере сите. Дека загубата на бабата и дедото е исто како да загубиш својата библиотека полна со приказни, спомени, мириси, совети, погледи, но кога ќе се сетиш на нив, сфаќаш дека тие се со тебе, во тебе, оти си станал човек поради нив. И на крај ќе треба да научиме да се бориме со неправдата и секогаш да се трудиме да го живееме животот според моралните вреднсти.
За да ти тргне денот, сè што ти треба е позитивна мисла и добро утринско кафе. А има ли подобро од тоа со утринското кафе да си прочиташ и книга која изобилува со позитивни мисли. Такви се расказите на Денис Бојаров. Топли, семејни, пријателски, емотивни. А се читаат баш дур го пиеш утринското кафе. Приказни од дома, секојдневни случки, некои со среќен, некои со тажен крај. Ама сите преполни со емоции кои ќе те натераат да си го гушнеш најблискиот до тебе и да му покажеш дека навистина ти значи.
Не, нема да пишувам кратка содржина. Секој расказ е приказна сама за себе. Секој расказ има своја порака. Малку зборови кои многу кажуваат. Не знам дали можам да издвојам еден посебен расказ. Сите подеднакво зрачат. Има приказни за мали деца, приказни за големи деца, за детето кое сите ние го носиме во себе, ама често го сокриваме и забораваме на него. А она што особено ми се допадна е изворниот македонски јазик на кој пишува Денис. Без многу модерни зборови, баш оној наш литературен македонски јазик. Чиста класика и реткост во денешно време.