Историја, митологија, мистерија, дури и психологија и филозофија- се што најмногу сакам во едно дело!
Прво, иако не станува збор за историска фикција, овој роман е "must have" за сите љубители на историја. Таа се провлекува низ дејството повеќе пати- низ разговорите, писмата, книгите кои ги чита главниот лик. Историјата на Скопје и Сплит, без разлика дали станува збор за антика или за поново време- игра значајна улога за градењето на атмосферата во делото.
Главниот лик, Лазар, е самиот мистериозен. На момент неговите постапки изгледаат премногу спонтани дури и ирационални, но (мал spoiler) се се сведува на насловот на книгата т.е. гневот. Неговата трансформација е една од главните теми кои се присутни во романот, а неговиот главен мотив- добивањето на ракописот на Марко- е претставен како силна неразумна страст која го влече во длабочините на злото.
Заплетот- исчезнувањето на писателот Марко, кој како лик иако не се појавува во поголемиот дел од романот, тој е постојано присутен и преку описи и разговори навлегуваме длабоко во неговата душа-го движи дејството на оргинален и невообичаен начин. Марко е загадочен, комплексен лик, како и Ана Марија- жената со две имиња, „ѓаволот“ кој му ја дава AD IRAM стариот ракопис на Лазар, а за возврат „ја бара неговата душа“.
Романот е исполнет со огромен број на симболи, но оваа книга не е само за историјата и митологијата туку е и „книга за книгите“. Се споменуваат огромен број на писатели, а една од многубројните теми е и љубовта на Лазар, но и на другите ликови, кон книгите.
Наместо да продолжам со опширно опишување, само ќе додадам дека речениците се толку прекрасно напишани што на моменти останував без зборови. Дали станува збор за психолошката состојба на Лазар, описот на историски настани, претставувањето на старите споменици и историски знаменитости на Скопје и Сплит, толкувањето на делото „Отворање на кутијата“ од страна на ликот Грапа, разговорот во прологот меѓу Ана Марија и Лазар итн.- оставаат силен впечаток.