"Животот навистина знае да испише романи, како од нигде никаде, како пукање на меур од сапуница, денес те има, утре веќе те нема."
Што се случува кога човек ќе биде крајно заслепен од зависноста? Колку далеку би одел за да си ги задоволи лошите навики?
Каролина уште од мала стана зависен играч на покер. И покрај сите убедувања и напори на сите околу неа да ја 'излечат' од таа невидлива, но опасна болест, таа не се откажува и длабоко во неа се' уште тлее тој жар. Меѓутоа дали тоа ќе се промени кога таа ќе стане мајка? Дали мајчинскиот инстикт конечно ќе ја спаси од таа опасна игра? Одговорот, за жал, е: не. Сите си мислат дека не мисли повеќе на покерот, но таа скришно од сестра и' и бившиот сопруг оди да игра заедно со нејзината најдобра пријателка.
Кога огромниот коцкарски долг ќе надвисне над нејзините раменици, а работата како графички дизајнер ни проближно не и' носи толку пари, таа ќе биде принудена да глуми дека нејзиниот син е киднапиран. Меѓутоа кога тој навистина ќе исчезне, таа нема друг избор освен да признае се'. Дали признанието ќе биде доцна? Или пак ќе успее да го спаси нејзиниот син а воедно и самата себе од канџите на ѕверот?
Ова ми е прва книга од Александар и јас сум воодушевена! Преубав стил на пишување, те зграпчува од самиот почеток и те води низ многубројните пресврти. Многу ми се допадна како детално е смислена приказната. Ни прикажува како човек може лесно да биде повлечен во мрачните води, но со вистинските луѓе покрај него лесно може да се извлече. Го држи вниманието на читателот цело време, јас не бев свесна дека веќе пола книга ја прочитав а се чувствував како да ја започнав пред 5 минути. Предобра книга со силна порака. Моја топла препорака.