Најпрво, очигледното: зборот „вештица“.
Јасно ми е дека постои во официјалниот речник на македонскиот јазик, и да, знам дека авторот кажува зошто не го користи зборот „вештерка“, но тоа објаснување, според мене, нема многу смисла. Како и да е, мене лично тој збор ми штрчи. Исто така, често користи зборови како „красотица“, „адријатско“ и „церковнославјански“ кои, мене лично, не ми се допаѓаат.
Кога се срочуваат женските мисли, јасно се гледа дека се пишувани од балкански маж во години. Некои од гледните точки на писателот се чувствува дека се многу застарени. Исто така, иако знам дека книгата е од пред 25 години, не можам да не се ежам од фрази како "таа пливаше како силно момче", а и на неколку делови се чувствуваше проткаена хомофобија, што сѐ заедно беше одвратно и непријатно.
Освен на самиот крај, нема вистинска кулминација во приказната, нешто што ме разочара. Постојано чекаш нешто големо да се случи и баш кога ќе дојде времето за тоа, авторот менува тема, а во следната глава, кога се навраќа, наместо да продолжи, сфаќаш дека тоа што си го чекал - веќе се случило.
Во книгата се проткајуваат повеќе јазици (англиски, хрватски) коишто авторот ги остава без превод, што додава дополнителна сложеност на читањето. Општо, при читањето, морам да признаам дека цели параграфи, па и страници беа тешки за читање и неразбирливи. Често има непотребно вртење во круг што ја прави приказната уште позаморна. Сѐ на сѐ, сметам дека целата идеја и концепт на ваков тип на книга се интересни и несекојдневни, но, според мене, лошо изведени.
Правописните грешки се сведени на минимум.