Стихозбирката Скопјани, првпат објавена во 1981 година, која – како што ќе напише самиот автор – претставува „мал колаж од песни и други стихозборја и тивкозборја, игрозборки и зборограпки, сонофатки и досеќавалки, слова, записи, документи, препеви паметења, и уште други зборовни итроштини, врзани исклучиво за Скопје и за скопјани“.
Гане Тодоровски е поет, преведувач, универзитетски професор, есеист, академик, амбасадор. Роден е во Скопје, во 1929 година, каде што го оформува своето образование и каде што го поминува целиот свој работен век, како професор на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Со книжевна активност почнува да се занимава непосредно по ослободувањето, пишувајќи за весниците „Нова Македонија“, „Пионерски весник“, „Нов ден“ и други. Неговото богато творештво брои над 220 наслови од областите на поезијата, критиката, есеистиката, литературната историја, патеписот, литературниот запис, публицистиката, историографијата, културологијата, препевот, антологичарството. Тој припаѓа на носечката поетска генерација писатели што ја афирмираат современата македонска литература во светот. Неговите дела, главно поезија и есеистика, се преведени на многу светски јазици и тоа: албански, англиски, бугарски, влашки, грчки, есперанто, кинески, ромски, руски, српски, турски, хрватски, чешки и шведски јазик. Добитник е на најпрестижните книжевни награди во Македонија, меѓу кои: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“, „Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Димитар Митрев“, наградата „Ацо Шопов“ и други.