Драмскиот автор, писател, драматург, професор, човекот Горан Стефановски, ни е повеќе од потребен токму во вакви (не)времиња, поради неговиот отворен дијалог со разнокултурието околу нас, поради неговиот нецензуриран монолог со себе и сопственото творештво, поради неговиот луциден, јасен, интелигентен јазик, поради вонредниот ракопис што ја зацврсти позицијата на македонската модерна драматика и ѝ ја отвори вратата на постмодерната.
Денес е одлично време повторно да се прочита Горан Стефановски. Овој драмски избор и овој текст – одблизу и отпосле, се обидува да му оддаде почит и да му даде љубов на авторот Горан Стефановски, но и да им предизвика интерес за неговите драми на новите генерации и читатели и актери и драмски автори и режисери, ученици и студенти, вљубеници во театарот.
Колку ми е драго што повторно се издадени дел од драмите на Горан Стефановски. Одличен избор, се надевам дека ќе има и други изданија со други драми и текстови. Како и секогаш, едноставно ме воодушевува начинот на кој Горан проникнува во човековите состојби и како прекрасно го доловува духот на времето. Секој текст е прекрасен, ама од овие собрани, највеќе ми се допаѓаат „Диво месо“, „Дупло дно“ и „ Демонот од Дебар Маало“.