„Случајот Чернобог“ е одличен македонски психолошки трилер кој го задржува вниманието до самиот крај и изобилува со интересно градење на карактери и оригинална нарација.
Во оваа приказна, една млада режисерка, Мона, се интересира за случај затворен под нејасни околности пред триесетина години. Се работи за случајот на Нора Чернобог, млада девојка која своето време го поминува во психијатриска установа поради тоа што е различна од останатите. Нејзината способност за телекинеза и предвидување на иднината ги заплашува останатите, па отфрлена е од сите, како од семејството, така и од општеството. Само еден човек се осмелува да ѝ помогне, Јан Леви, психијатар кој пишува теза за нејзиниот случај. Кога државата прикажува интерес за неа, тие двајца мораат да се борат против целиот свет.
Но, дали Нора и Јан можат да најдат барем ронка мир и да го поминат среќно остатокот од животот?
Три работи ми оставија силен впечаток кај овој роман. Најпрво, впечаток ми остави темата на романот која е токму различноста и нејзиното (не)прифаќање во општеството. Нора целиот свој живот се обидува да се вклопи во општеството што упорно ја отфрла. Дополнително, употребена е симболика за да се нагласи темата. Во три важни фази од животот на Нора, таа се соочува со давење, кое мене ми претставуваше симбол на нејзината различност и (не) прифаќањето од општеството. Општеството, од друга страна е водата која не ѝ дава на Нора да дише. За крај, нарацијата која ве шета напред и назад низ времето е маестрално употребена за доловување на интересен развој на карактерите и нивниот психолошки профил.
Топла препорака од мене за оваа книга, исполнета со симболика и интересна нарација која ќе ве води назад и напред во времето на моќен начин.