Нинбург, септември 1960: Поствоена Германија, разбранувана со младински движења чии водачи се родиле во рушевините на војната, е средината во која младата Клара прв пат влегува во средното училиште, кое ќе ѝ го промени животот. Девојка која се крие зад блокот цртежи со јаглен на кејот на реката Зале, која сака да остане незабележана од надворешниот свет, станува дел од необична дружина по име Еквилибриум, со која влегува во светот на политичките движења во Западна Германија. Низ целата приказна владеат мистеријата и сенката што ја обвиваат Клара, борбата со анксиозноста и депресијата кои ја следат откако Зале ја зеде својата прва жртва, а играта на судбината ја впушта во потрага на исчезнато момче која ќе отвори нов свет исполнет со мистерија, љубов, измами, гнев и заборав. Приказна која плени со својата комплексност, проткаена со драма и романса, обвиена во мистерија со вклучени вистински историски настани - сите состојки потребни да создадат возбуда и тензија која ни еден читател нема да остави рамнодушен.
Не можам да напишам нешто во врска со оваа книга што би го оквалификувала како објективно. Секако, доживувањето на секоја книга е субјективно чувство, но сепак би требало да биде објективно во однос на писателот. Оваа книга ја добив како подарок од самата авторка која лично не ја познавам, но која освен читањето и книгите, со мене има барем уште една заедничка љубов - математиката. Освен прекрасната корица, и содржината на книгата е таква - прекрасна. Најпрекрасно од сè е прозата на Ева Ристевска - скоро поетична, секоја реченица е нанижан бисер. Толку многу емоции раскажани со еден уникатен и преубав стил! Не навлегувам во дејството и општествените прилики во Германија во доцните педесетти и раните шеесетти години од минатиот век, не сум стручна, верувам дека добро се подготвила за толку голем залак. Интересна и пред сè многу необична идеја, а кога ќе се земе предвид возраста на авторката - дваесет години, и реализацијата е одлична. Она што мене лично ми сметаше е делот од текстот напишан во курзив, фонт Times New Roman, Italic, кој тешко се чита со оглед на некои букви кои не одговараат на македонското ракосписно писмо. Препорака до сите автори да си набават фонт кој одговара на нашаето кирилично ракосписно писмо. Другиот дел кој внесуваше забуна е недоволно развиените споредни ликови, кои како да влетуваа без некаков ред и објаснување, а малку хаотично беше и дејството кое главно е во два временски, не многу оддалечени, линии - 1956 година и раните шеесетти, почнувајќи од септември 1960 па сè до ноември 1964, но со вметнувања на некои испреплетени години помеѓу нив. И таа по мене недоволна поврзаност помеѓу деловите е разбирлива со оглед дека романот настанал врз основа на кратките текстови „Мемоари без наслов“ кои се делови од животот на авторката. Се надевам дека тоа се само нејзини меланхолични мисли, а не и лични доживувања, бидејќи премногу тежина носи книгава, премногу тага и несреќи. Сето тоа закопано во едно младо срце и еден бележник, „Тишина“, кој служи како прибежиште, но има и улога на исповедник, нем, послушен. Сепак, да се напише едно вакво дело е предизвик. Имајќи ја предвид младоста на авторката би рекла дека е и врвно достигнување, па со огромна надеж очекувам уште нејзини дела. Искрени препораки!
Има ли некој помоќен, посилен и појак звук од звукот на тишината?Тоа е онаа болна и мрачна тишина која распарчува и пара тогаш кога се губиш себеси во време кога губиш се свое, свој близок, своето јас, делот од твојата душа, својата вистина, своето се. Тоа е онаа тишина која ги носи со себе сите оние мигови поминати со делот од душата, оние моменти кои те враќаат пред портите на сите спомени за да ги преживуваш одново и одново за личноста која однела со себе дел од тебе. Тоа е онаа тишина која е сама по себе закана што ти ја откорнува оставината на твојата душа и која посакуваш да биде прекината со вресокот на младоста и надежта која ја носи во себе. И се прашуваш дали те плаши звукот на тишината, дали те плаши длабочината на прерано созреаната душа? Ја бараш ли светлината низ темните лавиринти на душите кои не искажуваат ни збор ?
,,Луѓето зборуваат без да кажат, Слушаат без да слушнат, Само заради тоа што се луѓе, Или има нешто повеќе од тоа?,,
Неколку пати додека ја читав оваа навидум мала но толку моќна книшка која ме воодушеви уште со самата корица, се навраќав на сликата и биографијата на прекрасната Ева која во себе носи океан од емоции , моќ за пренесување на приказната за длабочините на човечката душа пренесени преку ликот на Клара која и покрај тежината и бремето на животот кои ја довеле до прерано созревање уште пред да порасне , таа не се предава. И покрај анаксиозноста , осаменоста, тагата и очајот кои се нејзини животни вечни пратители, таа наоѓа моќ во себе да ја зграпчи надежта да се бори со темнината носејќи во себе љубов која лекува. Преплетувањето на животните трагедии на група млади луѓе кои го живеат во очај својот безнадежен живот во времето на повоената Германија, местата и историскиот период во кој живеат се дополнуваат со сликата од сивилото, хаосот и очајот на кои безрезервно и храбро им се спротивставува љубовта, надежта и топлината на тивкиот збор и делата. Емотивната нарација која се расплетува пред читателското око не остава рамнодушен никого. Пред зборот на младоста на авторот може да распука и цврстината на каменот. Моќта на писателското перо се чувстува низ целиот роман ,а тоа веќе се насетува и цврсто го затресува читателското битие уште во првите педесет страници. Потсетувајќи се себеси на некои свои поранешни мигови, стојам на работ пред јазикот не можејќи да се натерам да изустам повеќе од ова зошто стојам простум и молчам пред неизмерната моќност на зборот на Ева. Копнежот кој се појави во мене за следното од неа е и очекуван и оправдан со оглед на целата емоција, електрицитетот ,тензијата и исчекувањето кои ме држеа до крајот на оваа мистерија, драма, романса и трилер , книга која не заслужува мирување, книга која треба да допре до многубројните читатели. Книга која пред мене импресивно ја отвори проекцијата на настани, чувства, трагедија, болки ,потреби, желби и надежи во искажувањето на нараторот кој од самиот почеток па се до крајот ги обликува дискретно, нежно и емотивно сите состојби како природни шумови на душата кои на момент на длабок молк одекнуваат како бескраен крик во темнината. Звукот на тишината станува мојот единствен глас во бесот на секојдневието. Има ли некој помоќен, посилен и појак звук од звукот на тишината?
Препорака од срце за ова емотивно, длабинско и суштински моќно книжевно дело! Со нетрпение очекувам следно од моќниот глас на Ристeвска!
Покрај што книгава освојува со својата корица и нејзиниот интригантен наслов ветува многу, патувањето низ нејзините страници го потврдуваат и оправдуваат првиот впечаток. Иако книгава си најде место на моите полици во делот на подарок со посвета лично од авторот, тој факт никако не влијае врз моите позитивни впечатоци. Воодушевена сум од младата авторка, секоја чест Ева! Каква нарација,каков стил, каква приказна 👏
Љубител сум на драми од периодот на втората светска војна, но после оваа книга дефинитивно се разбуди желбата да истражам повеќе на темата која истата ја обработува - посвоениот период во Европа и особено Германија.
Младата авторка создала вистинско книжевно богатство, уникатно дело, зрело за нејзината возраст, достојно за восхит.
Инспирирана од западногерманското студентско движење од 60тите години кое создаде трајни промени во германската култура, авторката ни ги доловува случувањата преку главната протагонистка, средношколката Клара. Таа и група студенти, генерација млади луѓе кои живеат под сенката на поствоените рушевини, спремни се по секоја цена да си го пробијат својот пат под сонцето, создаваат тајна дружина наречена Еквилибриум која зачекорува на сцената на политичките движења... Уживав во вивидните прошетки крај Зале, нурнувајќи во таинствениот тефтер "Тишина", сведочејќи на душевните монолози на Клара, тагувајќи по младото момче првата жртва...
Приказна која навидум мала, плени со својата мистична длабочина, исткајана со нота на мистерија, доловувајќи го ликот на Клара низ нејзината внатрешна борба едновремено за тишина, темнина,изолација а воедно и нејзиниот тивок крик да биде слушната, видена, почувствувана, сакана. Зошто, нема ништо што погласно зборува од тишината!
Топла, најискрена препорака! А тебе Ева, уште еднаш ти честитам и со нетрпение очекувам нешто ново!