По падот на замокот Вечна карпа и поразот на Големата Куќа Рико, војводата Анести Симон Рико со преостанатите следбеници пронаоѓа прибежиште кај Големата Куќа Максимилијан. Тоа не ги спречува нивните заколнати непријатели, Големата Куќа Антона, да ги гонат до самиот крај на светот, сè додека последниот припадник на Големата Куќа Рико не е избришан. Втората книга од научнофантистичната авантура крие и изненадувања за овие ривали. Од пеплиштата на Вечноста се издигнуваат нови непријатели, подготвени на сè за да ја остварат својата цел. А, тука е и мистериозното Братство на Интервентите и нивните верни Сенки.
„Исто како што Френк Херберт во својата ’Дина‘ предупредува на опасноста од харизматичните водачи, Милошевски во ’Последна граница‘ предупредува на нешто исто толку опасно – на луѓето на кои не им е грижа, на оние на кои им е сеедно дали светот ќе изгори.“ Јордан Коцевски, главен уредник на списанието за книжевност „(е)Лит“
Роден е во 1981 година во Битола. Основно и средно образование завршил во Ресен, дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Живее и работи во Ресен, Македонија. „Сага за Тројство“ (ПНВ Публикации, 2018) е негово прво објавено дело. Серијалот „Последна граница“ е составен од деловите: „Истапени сечила“ (август 2019 год.), „Бунар оловни солзи“ (септември 2021 год.), „За грст пекол“ (август 2022 год.), „Калени во крв“ (април 2024 год.) и петтиот и последен дел со наслов „Кобалтна плима“ излезе од печат во август 2025 година. Првиот дел од новиот серијал „Хрониките на Гарибалди“, со наслов „Децата на Митридат“ е завршен и треба да излезе од печат пред крајот на 2025 година. Моментално работи на вториот дел од серијалот со работен наслов „Пурпурен гамбит“.
Одлично разработени ликови, дејство кое не те пушта до последно, силни емоции, пресврти и неизвесност, описи на вкусна храна кои отвораат апетит... и многу, многу акција.
,,Самиот живот, како појава во универзумот е само момент во вечноста и како таков треба да биде максимално искористен."
Обидите да се порази војводата Анести Симон Рико продолжуваат и по падот на Големата Куќа Рико. Упорноста на непријателите докажува само едно - моќта на Анести е до степен на неуништливост. Големата Куќа Максимилијан беше единствената која им пружи засолниште и заштита, но дали е доволно моќна за да може да им се спротивстави на сите Големи Куќи, или таа постапка ќе биде решувачки фактор за нивната иднина?
Додека Големите Куќи се заслепени од одмаздата, Братството на Интервентите е нем сведок на сите случки и трпеливо го чекаат погодниот момент за да дејствуваат и да ја свртат ситуацијата во нивна полза. Меѓутоа која е нивната цел? Дали тие се една безопасна група, или пак, во нивните раце се животите на сите припадници на Големите Куќи?
За разлика од првиот дел, каде што ми требаше повеќе концентрација за да ги запаметам сите ликови и да го 'запознаам' светот кој Зоран го создал, во овој дел веќе бев вклопена во таа приказна и 'ги голтав' страниците за да откријам како продолжува оваа фантастична акција.
Во центарот на вниманието е ривалството помеѓу Анести и Леви, кое се чини нема да заврши освен ако едниот од нив не умре. Анести не само што е голем војник, тој е и голем човек кој се движи низ сите бури со високо крената глава. А Леви е само еден егоистичен човек кој не се грижи за ништо друго освен за самиот себе и својот углед. Таквата борба ни е многу добро позната од историјата, но самите ликови ја прават уникатна.
Тука Анести се покажува во уште подобро светло. Го обожавам начинот на кој размислува и раководи во време на војна. Создаден е за војник. Но, тој не е робот кој функционира под команда. Во неговите потези се крие вистинскиот карактер. И токму потценувањето на неговиот карактер ќе биде најголемата грешка на неговите непријатели.
Овој дел ми се допадна уште повеќе од првиот. Го обожавам прекрасниот стил, вешто вметнатиот хумор и оживувањето на ликовите на хартија. И без разлика чија страна ќе заземете, веднаш по завршувањето на книгата ќе ви недостига секој еден од нив. Ремек-дело!
После "Истапени сечила", Милошевски ни поклонува уште еден дел од серијалот "Последна граница". Во "Бунар оловни солзи" приказната продолжува како воопшто да не застанала. Едноставно тече. Се чита лесно, без никакви усилби и напори. Се развива глатко и сосема реално имајќи ги предвид основните водилки: љубов, страдања, семејни односи, желба за власт, политички влијанија и секако настојувањето на грст моќници да владеат со судбината на луѓето и промените во светот. Низ страниците на романот се чувствува влијанието на великаните на светската книжевност, Херберт, Мартин, Симонс, а веќе на самиот крај дискретно и нежно влијание на класиците. Ликовите ги продолжуваат своите животи со истата нишка, но со зголемен интензитет и динамика во односите и случувањата. Посебно интригира уникатното ривалство меѓу Анести и Игор, држејќи го читателот во постојан конфликт со себе, на чија страна да тежнее и дали се заколнати непријатели или фасцинантни личности кои меѓусебно се почитуваат. Токму начинот на кој авторот ги гради ликовите ја носи на своите плеќи убавината на пишаниот збор на Милошевски. Нема добри и лоши, главни и споредни, позитивци и негативци, едноставно луѓе со сите свои мани и доблести, копнежи и стравови, со кои секој би се поистоветил. По завршувањето со читање на романот дефинитивно ќе ви недостига секој од нив.
Анести - го заслужуваш името, потполно! Веќе две огромни книги ги влечеш читателите низ сагата на едно ново време и ново уредување. Успешно. Секако, на тој пат сам не тргна, туку беше инсталиран од нешто/некој повисок(о) или како што секогаш ме асоцира на: „неко то горе од види све, повлеачи те конце, игра се!“. Е сега, кој е тој или тоа таму повисоко и со која цел, останува да видиме. Интервентите, за кои и по илјада прочитани страници малку знаеме. Ниту, колкумина се, ниту како се стигнува таму. Некоја хиерархија јасно е дека постои, имаат они „маша“ за бркање по жарта, ама која ја држи машата, не знаеме. Да не е Игор Леви, Анести не би можел да биде тоа што е. Толку слични, а комплетно различни ликови и не само поради фактот што припаѓаат на две спротивставени куќи. Игор Леви е самобендисан, војник од високото „добро утро“, но знае да цени добар противник, со него, на моменти е и другар. Анести пак, без оглед на тоа што тој не го одбра својот пат, носи многу многу изненадувања и за оние кои таму го сместија. Ја надградува својата задача, со храбри, често и луди подвизи и планови. Во борбата меѓу Рико и Антона, секако се лепат другите куќи, од интерес, најчесто паричен и тоа скапо платен, со крвта на своите поданици. Сепак, тие куќи се како големи карпи во ѕидовите на еден вулкан на пример, но нивното придвижување со учеството во војните се одвива хоризонтално. Успеваат да стигнат до тунелот низ кој постојано тече лава, а можеби токму на овој начин, се наведаат, еден ден, ќе ги потфати текот на лавата, па ќе се издигнат таму горе. Таму горе, каде стојат Анести и Леви, на врвот на кратерот. Па жестоко се фрлаат во лавата, за да стигнат до дното, но само за да се оттурнат посилно и повторно да се најадат на врвот. Во овој втор дел особен впечаток остави Гај Пулса (ако не грешам со името). Има човекот потенцијал да биде повеќе Анести отколку Леви, или барем да се издигне до ниво на Иван Вене. И тоа ќе му личи. А, дали ќе стане тоа останува да видиме. Доколку и заврши неговата улога на оваа епизода, одлично ја одигра. За крајот на овој дел, имам само едно да кажам. Многу ми е близок. Јас така ги завршував моите песни што ги пишував во средно. Изненадувачки, неочекувана пресуда во последниот стих. Само што овој крај не претставува крај сам по себе, туку најава за повозбудлив следен дел. Интервентите... чекам!
Зоран ја продолжува својата приказна онаму каде што не остави, но тоа што не' очекува во Бунар оловни солзи е многу повеќе интрига во однос на првата книга.
Од самиот почеток ги чувствуваме последиците од успешниот напад на големата куќа Антона врз големата куќа Рико, а тие ги зафаќаат сите големи куќи. Рико е желен за одмазда и во потрага по сојузници, а нивната потрага во оваа книга ќе не' прошета и до вселената. Оваа втора книга има се' она што една епска научна фантастика треба да има, добро изграден свет, одлични ликови, задкулисни игри, мисја и акција.
Одлична кулминација на партијата шах започната во првиот дел од овој прекрасен серијал.
Но дали тука е крајот? Еден од ликовите во книгата на самиот крај има претчувство дека "сеуште ништо не е завршено. И не само тоа. Туку дека допрва почнува."
Ова е игра во која пионите можат да станат кралеви. А сенката на Братството на Интервентите виси над таблата. А над нив и потценета од нивна страна виси сенката на нивниот сопствен производ.
Додека тие ја проучуваат таблата, Тој ги проучува нив.