Сето она што го раскажува Иванов во своите приказни за Скопје, како ретко кој македонски писател, создава своевидна мапа на градот, карта од која извира животна сила составена од нерви и крвни садови за силна пулсација на урбаното битие, која содржи и разни пукнатини и шуплини пред кои не смее да се затворат очите и кои треба да се забележат и прераскажат. Така Скопје на суптилен начин станува засебен лик во оваа збирка раскази, град-личност кој секогаш е подготвен да ја покаже својата сила, „небаре сениште кое тешко ја поднесува дневната светлина“, но тој е и „брод со драгоцен товар“ на кој секогаш ќе му се навраќаме во нашите книжевни творби. Со почит кон Скопје, и особено кон Благоја Иванов, Ви посакувам пријатно патување низ скопските книжевни дамари, засолнати од заборавот на ова посебно место, во оваа драгоцена книга“. Игор Анѓелков
Завршил Филолошки факултет во Скопје. Бил соработник, уредник и главен уредник на Културниот сектор на Радио Скопје и директор на Телевизија Скопје и професор на Факултетот за драмски уметности. Бил уредник на списанието „Млада литература“ и главен и одговорен уредник на списанието „Разгледи“. Член на Македонскиот ПЕН центар. Бил претседател на Друштво на писателите на Македонија. Член на ДПМ од 1958 година. Добитник на наградите: „1 Мај“, на Недела на радио драмата на ЈРТ, „Рациново признание“, „Кочо Рацин“.