Одличен избор за почеток на годината, книгава баш ме извози. Многу ми се допаѓаат овие чудни, несекојдневни четива, особено затоа што сметам дека е талент успешно да се создаде ваков тип на роман. Позитивно сум изненадена од стилот и умешноста на овој наш автор - со оглед на тоа што ова му е само втор роман - и субјективно, секако, би го израмнила со прочуени и докажани светски писатели. Посебна гордост е кога вакво дело може да се пофалиме дека е напишано од македонец. Си имаме и ние талентирани писатели кои иако вредат, за жал се недоволно експонирани и читани.
Роман за вртоглавите патувања низ најмрачните сокаци во човековата психа, за најосаменото место каде животот го вперува своето огледало во смртта, а смртта испушта еликсир што ја опива душата со љубовта кон 'мртвата сакана'. Главниот лик е плетач на приказни, сонувач на минати времиња, гледач на неми филмови, собирач на трепки и на мртви љубови и конечно, цртач на извонредно тенки линии помеѓу она што вистински е и она што само така изгледа. Одлично изграден лик, по малку чудак, по малку мрачен, по малку фантазер, но исклучително несекојдневен и интригантен лик кој во комбинација со занимливата приказна и прекрасниот начин на нејзино раскажување од самиот лик (роман во 1во лице) го произвеле „најосаменото место“ како уникатна must-see дестинација што топло ја препорачувам. Симеон Јанков, е веќе потврден раскажувачки водич кој има, и тоа како, што да каже, што да покаже и извонредно креативни начини како да го поведе читателот во неповторлива книжевна авантура!