Младата Микаела останува сираче за време на Првата светска војна. Едвај преживува од ден за ден, питајќи по улиците и копнеејќи за топла постела и безбеден покрив над главата. Бидејќи нема друга опција, веднаш се согласува да замине кај тетка ѝ за да има кој да се грижи за неа. Но ни нејзината тетка, како нејзина единствена блиска роднина, не е пресреќна што треба да ја прими во својот дом, па веднаш ѝ става на знаење дека нема да биде гостинка таму, туку ќе треба да си го заработува лебот и престојот со макотрпна работа.
Но, животот продолжува да ја казнува и измачува. Работите се комплицираат и таа мора да се омажи за човек речиси двојно постар од неа. Принудена повторно да ја прифати својата тешка судбина, се помирува со бракот без љубов.
По неколкугодишен брак, избувнува Втората светска војна. И животот по којзнае кој пат ја доведува на раб на преживување, принудувајќи ја да ја донесе најтешката, а воедно и најстрашната одлука во нејзиниот живот.
Волшебен стил на пишување, не можев да ја испуштам од раце. Ми се допадна како Лепа ја смислила приказната, која се чини е раскажана во еден миг, а всушност за нараторот траела цела вечност.
Трогателна и емотивна приказна која го води читателот низ сите случувања, за на крајот да му докаже дека секогаш има светлина на крајот од тунелот.
Лепа е уште еден бисер на нашата книжевна сцена. 🫶🏻
Крајно скептична за книгата, но подарок не се одбива)) Изненадена од авторката, мислам дека совршено ѝ лежи стилот. Солидни пресврти кои точно знаела како да ги изведе, а притоа да наслика автентични животни судбини.
Книгата завршува со овие реченици: "Запомни: кога животот ќе ти подели карти - подготви се за игра. Но правилата постави ги ти." Некогаш судбината е таква што дури и самите ние да ги поставиме правилата, таа на крај си го тера своето. Микаела е жена која претрпела многу битки со судбината, и покрај толку многу тешки мигови, таа на крај сепак успева да најде надеж во животот.
Искрено, кога ја затворив книгата „Жртвување со оган“, почувствував како некој ми ја притиснал душата со рака – не за да ме повреди, туку за да ме потсети дека сè што носиме во себе – љубов, болка, загуба, надеж – е она што нè прави луѓе. Ова дело не е обична книга. Ова е живот – жив, суров, длабок. И токму затоа треперев на моменти, срцето ми чукаше посилно, а мислите ми летаа по цела страница, како да се плашев да не ја пропуштам ниту една сенка зад зборовите.
Приказната започнува во воз. Карина седи, а до неа седнува – Микаела, тивка жена, но полна со нешто што не можеш да го именуваш додека не ја слушнеш. И тогаш започнува нејзината животна приказна, кажана на начин што ме потсети на „Сагата за Рајна“. И тука, исто како таму, низ тивок разговор, низ искрена исповед, се одмотува еден живот исполнет со жртви, предизвици и болки, но и со моменти на силна, речиси божествена љубов и храброст.
Ова ми беше третата книга од Лепа Гештаковска Христовска. Интересно е што ги читав наопаку – прво најновата, потоа втората, и конечно оваа. Иако редоследот беше обратен, со оваа книга го заокружив целото нејзино творештво – и сега само останува да чекаме нешто ново. Секое нејзино дело е различно, но сепак поврзано со истата суштинска нишка: човечноста.
Микаела е лик кој не се заборава. Од сираче оставено на милост и немилост на суровата стварност, до жена што прегрнува љубов, страдање и себеси. Нејзиниот живот е како што самата авторка напиша:
„Сфатив дека животот е како луда железница. Една луда железница која не знаеме кога ќе забрза, кога ќе забави, а кога ќе нѐ преврти наопаку. Таман ќе помислиме дека сме горе и целиот свет го имаме на дланка, наеднаш праволиниски нѐ спушта долу“
Оваа мисла, иако дел од романот, кај мене ќе остане како лична животна максима. Толку вистинито, толку длабоко.
Аврам – нејзината љубов, не е само лик, тој е огледало на сè што можело, но не смеело да биде. Во него таа ја наоѓа нежноста, разбирањето, спокојот. Но истовремено, и болката на тоа што војната, времето и околностите го прават невозможно. Љубовта помеѓу Микаела и Аврам не е само романса – тоа е сведоштво дека дури и во најтемните денови, срцето може да најде светлина.
Авторката повторно покажува дека знае како да допре до срцето на читателот. Јазикот ѝ е жив, богат, сликовит. Нејзиниот стил на пишување е емотивен, но и прецизен – не претерува, не глуми патетика. Сè е на свое место. Описите на средината, чувствата, дијалозите – сè е автентично и природно. Понекогаш е доволна само една реченица за да заплачеш, а другпат еден поглед за да почувствуваш сè.
Како што во „Италијанскиот ракопис“ Кејп Меј беше топол и мистериозен простор што можеше да го почувствуваш додека го читаш, така и тука – Германија, Франција, Шпанија – се претставени толку живописно што имав чувство дека навистина се наоѓам таму. Секоја сцена, секоја улица, секоја просторија – беа како проектирани пред мене. Како да гледав филм, но со зборови.
Сепак, мора да споменам и една мала, но значајна забелешка – низ целото совршенство на ова дело, понекогаш се појавуваа печатни и лексички грешки. Најзабележлива беше замена на името Микаела со „Михаела“ – што кај читатели како мене, кои читаат со цело срце и концентрација, знае да те извади од светот на книгата, барем за момент. Тоа не ја нарушува целината на делото, но искрено се надевам дека во некоја идна преработка, то ест следното издание ќе се исчистат овие мали „лисја“ од инаку беспрекорно дрво.
„Жртвување со оган“ не е само книга што се чита – тоа е приказна што се преживува. Те остава со мисли, со чувства, со прашања. Те тера да размислиш за вредноста на љубовта, за тежината на жртвата, за болката на изгубените животи, но и за силата на надежта.
Со ова дело, авторката уште еднаш докажува дека знае да создаде литература што се чувствува со кожа и душа. Завршив едно прекрасно патување низ нејзиниот свет, и сега единствено што останува е да се надевам – дека наскоро ќе не изненади со нова, подеднакво моќна приказна.
За да ти кажам како се најдов во Шпанија треба да почнам од почеток, се разбира доколку си подготвена да слушнеш една долга приказна. Карина и Микаела се две жени кои се среќаваат за време на патување со воз кон Женева. Започнуваат разговор околу нивната заедничка љубов, читањето книги и Оркански височини како нивна омилена книга. Микаела за прв пат ја раскажува својата животна приказна од раѓањето во Лајпциг, преживувањето на неколку трагедии, Втората Светска војна па се до моментот кога се среќава со Карина... Како што имам напишано и во други објави, Втората Светска војна е непресушен извор на приказни, исто како што е невозможно да е пребројат сите луѓе кои се на некој начин погодени од неа. Така и оваа кратка приказна која трае колку што е патувањето на Карина, ни дава шанса да ја слушнеме животната приказна на Микаела, исто како да сме заедно со нив во возот. Мислам дека ќе им се допадне на сите читатели на историски драми/романси.
Жртвување со оган од Лепа Гештаковска Христовска е приказна за Микаела и нејзината судбина. Микаела останува сираче за време на Првата светска војна, едвај преживува питајќи по улиците, со малкуте пари што ги добива, ги заштедува за купување билет за заминување кај тетка ѝ. Надежта дека конечно ќе може да има дом и паѓа во вода, тетка и ја третира како слугинка, а не како своја крв. Еден ден ќе ја омажи ( продаде ) за вдовец и Микаела повторно ќе мора да се прилагодува и да се помирува со својата судбина. Сепак среќата малку ќе и се насмее, нејзиниот сопруг ќе се грижи за неа, ќе и овозможи да се образува, но нејзината среќа нема долго да трае. Ќе избувне Втората светска војна, нејзиниот сопруг ќе загине, а таа ќе остане сама со своите две деца. Повторно ќе мора ��а преживува, со една разлика, сега не е сама треба да се грижи и за децата. Уште низ сѐ што ќе мора да помине за конечно да и се насмевне среќата? Но, дали и тогаш ќе може да ужива без никакви грижи?
Prekrasna i trogatelna kniga koja dolgo se pametit kniga koja ne se ostava se duri ne se procita do poslednata stranica. Knigava toplo im ja preporacuvam na site koi ne ja imaat procitano.
This entire review has been hidden because of spoilers.
Ја препорачувам на сите оние кои сакаат да прочитаат нешто наше, а светски напишано. Убава приказна која држи внимание, но би сакала да беше малку подолга. Топла препорака.
Низ какви маки ќе помине Микаела, откако ќе замине кај тетка и? Како ќе успее да се снајде за време на војните? Дали ќе има среќа барем во љубовта, ако животот воопшто не ја поштедил?