Марта е девојка каква што најчесто постои само во книгите и на филмовите. Девојка која им помага со тешките кеси на бремени жени. Девојка која им помага на стари бабички да преминат улица. Девојка која е секогаш ведра, љубезна и насмеана, прекрасно воспитана и културна со сите. Девојка која ја знаат сите во градот и за која сите имаат само убав збор, никогаш лоша мисла ниту поглед попреку. Но набрзо по нејзината матура, се случува нешто ужасно. Марта е убиена. Градот е во шок. Никој не може да поверува. Но како е можно? Кој би можел да го стори тоа? Та нели сите ја сакаат Марта. Зошто тогаш некој би ја убил девојката ангел? Млад детектив од главниот град е испратен на југот на земјата да се обиде да го реши со години старото убиство и конечно да им даде малку мир на родителите на Марта, нејзините брат и сестра, но и сите жители на малиот град кои со цело срце ја сакале младата мила девојка. Но кога тој попатно почнува да развива симпатии кон сестрата на починатата девојка, работите дополнително се комплицираат…
,,Ако се фокусираш на она што си го оставил зад себе, никогаш нема да можеш да продолжиш понатаму."
Во денешно време тешко е да се поверува во добрината на луѓето. Тешко е да се поверува дека постојат луѓе кои прават само добрини и се совршени. Меѓутоа, Марта е доказ дека постојат. Таа е девојка која ја знае цел град од хуманите постапки кои секојдневно ги прави. Но, се чини дека и најдобриот човек на светот не е баш толку совршен. Зошто инаку би се случила таква трагедија? Летото, по нејзината матура, таа е најдена мртва во шумата. Како е тоа можно? Зошто некој би сакал да ја повреди девојката која блика од позитивна енергија?
По петнаесет години од ужасната трагедија, градот сѐ уште е во неверување и тажи по прерано загубениот живот на Марта. Нејзиниот убиец не е пронајден и случајот се затвори со налепница: нерешен. Меѓутоа, по иницијатива на семејството, детективот Андреј доаѓа во Гевгелија за да го реши убиството и конечно да им даде мир. Тој одбива да поверува дека некој човек би можел да биде буквално совршен, па решен е да ја најде макар и најмалата нејзина грешка.
Она што тој не го очекуваше е да се вљуби во сестрата на жртвата. Тој отсекогаш бил ладен човек кој реагирал бурно и непромислено, но Ивона го тера да гледа на поубавата страна од животот. Го тера да биде свој. Меѓутоа, дали случајот ќе застане меѓу нивните срца? Одлуката која треба да ја донесат е тешка, но дали ќе бидат спремни да го преземат ризикот?
Второто дело на Мирјана е малку поразлично од првенчето, но подеднакво добро. Го обожавам нејзиниот стил и како може да ти ја допре душата со зборови.
Мистеријата од почетокот не ме оставаше да се разделам од книгата, ги 'голтав' страниците за да откријам зошто некој би сакал да убие добра девојка. Приказната допира многу емотивни теми, но прикажани се на убав и интересен начин. Во еден момент ќе се смеете, а веќе во следниот не ќе можете да ја запрете лавината од солзи. Преку ликовите, раскошно опишана е секоја емоција и самата природа на човекот.
Прекрасна книга! Мирјана умее да создаде приказна полна со поуки која нема да можеш да ја испуштиш од раце. Горда сум што имаме писателка како неа.