Четири најдобри пријателки, сите со прилично различни животи, одеднаш се соочени со кошмарот наречен КОВИД-19. Денес сѐ е нормално, животот тече по својот секојдневен, ако не и малку монотон тек, а веќе утредента сѐ почнува да се менува: се појавува вирусот, растат бројките на заболени, луѓето се исплашени и затворени во своите домови. Одеднаш сите почнуваме да ја сфаќаме непроценливата вредност на едноставните секојдневни нешта што до вчера сме ги земале здраво за готово.
Марија е мажена и има две деца. Нивната куќа се претвора во хаотичен „затвор“ во текот на карантините. Хана е сингл докторка, која ги гледа последиците од вирусот во првите борбени редови во болниците, но дома е страшно осамена и не може да престане да го анализира својот живот во четирите празни ѕидови кога е принудена деновите да ги минува сама. Сара е мажена, без деца; таа и сопругот се дел од оние кои работат од дома поради вонредната состојба, па привремено се селат во викендичка на планина и одеднаш почнуваат да го гледаат животот со нови очи. Катарина е разведена, со дете, води свој бизнис и благодарение на новонастанатата состојба е принудена да се прилагодува, да бара алтернативни начини за работа – сето тоа како дополнителен стрес и притисок од веќе постоечкиот кој го наметнува вирусот. Секоја од жените претставува дел од таписеријата во која се претвори животот на луѓето во Ковид-19 добата.
,,Коронтин" е приказна која не оптеретува со заговори, статистики, теории. ,, Коронтин" е хроника на едно реално време и случувања во животот на обичниот човек. Сите по малку бевме некој од четирите лика што ја градат нарацијата. Дури и со текот на читањето се мешаат чувствата исто како во коронтискиот период кога вирусот лукаво се поигруваше со нашето трпение. Хумористично-сатиричниот намек во стилот ја задржува приказната во еден дух на оптимизам, па и пандемијата од денешна гледна точка токму така и изгледа, далечна, мината и победена!