Во овој антологиски избор застапени се 39 автори. На уводните страници, Раде Силјан, приредувачот на ова дело, застапува раскази од Марко Цепенков, Ангелко Крстиќ, Стојан Христов, Антон Попов и Кочо Рацин, со што нуди широка слика за овој жанр во македонската литература. Во вториот дел, посебен акцент става на творештвото на авторите, кои творечки се реализираа во втората половина на дваесетиот век. Застапени се раскази од Ванчо Николески, Славко Јаневски, Блаже Конески, Глигор Поповски, Томе Арсовски, Цане Андреевски, Владимир Костов, Видое Подгорец, Бошко Смаќовски, Оливера Николова, Киро Донев, Велко Неделковски, Владо Димовски и други.
Раде Силјан е роден на 16 април 1950 година во с. Жван, Демирхисарско. Основно образование завршил во родното место, гимназија во Битола, а Филолошки факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел како новинар во „Студентски збор“, „Наш свет“, „Железничке новине“ и Радио Скопје. Бил главен уредник на Третата програма на Македонското радио и генерален директор на „Македонска книга“. Исто така, тој е основач и директор на книгоиздателството "Матица македонска" од Скопје.
Силјан е член на ДПМ од 1982. Во два мандати бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија (2008-2014), а сега е претседател на Собранието на ДПМ. Член е на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и на Македонскиот ПЕН центар. Главен и одговорен уредник на едицијата „Македонски искушенија“ и член на редакцискиот одбор за подготовка на издавачкиот проект „135 тома македонска книжевност“. Почесен член е на Македонското друштво за наука и уметност во Битола. Член е и на меѓународната академија „Махаи Еминеску“ во Крајова, Романија и на Славјанската академија во Варна, Бугарија.
Дваесет и четири негови книги се преведени на: англиски, руски, турски, грчки, италијански, бугарски, српски, украински, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, бошњачки и албански јазик.