Марија е силна и независна архитектка, успешна и истакната во својата област, па не е никакво изненадување кога добива понуда за работа во престижна компанија. Нејзиниот хумор зачинет со многу сарказам, способноста да се шегува дури и на своја сметка и вечно позитивната енергија која зрачи од неа, ја прават како магнет за сите во нејзина околина, но особено за мажите, кои не остануваат имуни ниту на нејзината огнена коса, полните сензуални усни, крупните искрени очи и женствените облини. Но тие нејзини очи кријат голема тајна и имаат исплакано премногу солзи во животот, а зад нејзината убава насмевка лежи незамислива болка.
Кога почнува со работа во новата компанија, таа веднаш му го привлекува вниманието на најимпресивниот маж кој некогаш го сретнала. Темнокосиот Александар плени со своите сини очи и лесната, секси насмевка; очигледно е дека многу жени паѓаат на неговиот шарм, но Марија има штит од изградени ѕидини околу себе, кој ѝ помага да одолее на искушението. Не само што не сака да се плетка со колеги, туку и знае дека тој не е слободен маж, па јасно поставува граница. Но, разумот е едно, а неверојатната конекција и неодолива привлечност помеѓу нив нешто сосема друго… Кога ситуацијата почнува да излегува од контрола во еден нејзин момент на слабост, Марија ја искористува деловната можност и заминува во Италија, за да побегне што подалеку од него, и од болката која тлее во неа цели 18 години и овој пат ѝ се заканува целосно да ја скрши.
Книга која се чита лесно и ќе уживате до последна страница. Она што за некого претставува најголема радост за друг, пак, е болка и тага. Додека ги вртите страниците една по една, ќе наидете на секоја можна емоција во човековото срце. Иако книгата не е пишувана по вистински настан, како што и напоменала самата авторка на крајот на книгата, сепак книгата има делови кои за некои луѓе се вистинити и со тоа се соживувате со ликот на Марија.
Примерокот од книгата го добив како подарок со посвета од авторката. Ана, Ви благодарам на убавите зборови! Книгата е убаво напишана, интересна на свој начин и лесна за читање. Ретко ми се допаѓаат книги од овој жанр, но доколку сакате да се опуштите и препуштите на приказна за страста и љубовта (не само романтична) - ова е вистинското четиво за вас.
Интересна книга со која може да си ги разубавите деновите од вашиот одмор, четиво за на плажа, кое ќе ве одмори од сè и истовремено ќе ве држи заинтересирани цело време. Стилот на пишување одличен, ме носеше низ приказната со голема леснотија, ми разбуди длабоки емоции од животот и случувањата низ кои поминува главниот лик Марија. Ја прочитав во еден здив! Предобро како за првенче, големо браво авторката!
Можеби е затоа што книгата е првенче на авторката, но за мене беше само просечна. Описот на ликовите беше прекрасен, одличен вокабулар и компарации. А сепак... Морам да признаам дека на почетокот навистина ја презирав врската помеѓу Марија и Александар, бидејќи Александар беше оженет човек. Но знаев дека на крајот ќе се среди некако и ќе има добра причина тие да бидат заедно. Кога тоа престана да ме нервира, дојде фактот дека почетокот (барем за мене) беше малку бавен, а пак крајот ми делуваше избрзано. Сакав и се надевав дека ќе прочитам и ќе добијам поопширно и постепено создадено сценарио каде Марија ќе дознае за ќерката и ќе го смири односот со Александар, но за жал тој дел од приказната беше завршен во пет-шест страници. Затоа мојот рејтинг за оваа книга не стигна подалеку од 3.
This entire review has been hidden because of spoilers.
Марија во себе крие тајна 18 год. Благодарение на Олга ќе дозна дека нејзино бебе е живо и дадено на семејство во Италија. Дали ќе успее да го пронајде своето дете, откако таа ќе замине во Италија? Какви непредвидени ситуации ќе и се случат на љубовно поле таму?