Во „Македонија и балканскиот проблем“ се содржани три брошури на Шатев – историографски трудови, што првпат ѝ се понудени на македонската јавност, преведени од бугарски на македонски јазик. Два од нив се пишувани во Бугарија меѓу двете светски војни и за време на Втората светска војна, вториот за време на Втората светска војна, а третиот, според којшто е парафразиран насловот на овој том, е пишуван веднаш по ослободувањето на Македонија. Неговите историографски брошури се полни со анализи, размислувања и констатации за македонските револуционерни и политички состојби, за состојбите и политиките на балканските држави кон Македонија и на политиките на големите сили кон Балканот и Македонија. Богатството на податоци, опсервации, информации, статистики и цитирани светски, европски и балкански научници од сите области, импресивно сведочи за интелектот на авторот и за неговите познавања за вкупните економски, историски и политички состојби во светот, Европа и на Балканот.