Хотел меѓу две војни“ е смел и богат псевдоисториски роман за љубовта на Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Забранета империја во процепот меѓу фактите и фикцијата, меѓу војните и мирот, меѓу срцата и умот во нас, но и надвор од нас. Опсада на Троја соѕидана во душата на Мустафа наспроти јуришот на тагата и болката на Елени испишани во два романа: во долгиот постмодернистички „Хотел меѓу две војни“ на Русјаков и во истоимениот кус, сентиментален роман на Елени, вгнезден во него како резервно женско срце.
Александар Русјаков е роден 1977 година во Велес. Досега ги објавил збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот“ (ИЛИ-ИЛИ, 2010), романите „Тринаесеттиот месец“ (ИЛИ-ИЛИ, 2012) и „Атена со пенис“ (ИЛИ-ИЛИ, 2014).
Сакате ли да прошетате? Кратко да избегате од секојдневната реалност и да се навратите на едно старо време, времето на Отоманската империја и времето на модерна Турција, времето на турското ропство во Македонија и нејзиното распарчување, времето на македонските револуционери. Тогаш вистинскиот избор за Вас е ,, Хотел меѓу две војни ".
Сега и сигурно веќе и се запрашувате зошто баш оваа 😁
Затоа што пред се е од наш македонски автор и дејството во книгата е во нашата татковина Македонија ❤️. За кога ќе ја завршите да почувствувате потреба да ја посетите преубавата Битола и најпознатиот дел од неа, Широкиот сокак. А дејството и нејзината тајна се крие во Сокакот, еден балкон кој е дел од него и скокотливите дошепнувања од тие кои биле сведоци на оваа љубов.
Забранетата љубов помеѓу Мустафа Кемал Ататурк и битолчанката Елени Каринте. Можеби и Вие сте дел од тие кој потслушнале дошепнувања за оваа несреќна љубов.
Книга која е исполнета со историски факти од животот на првиот претседател на Турција, а дел како реалност или пак една легенда за која останува да се зборува и понатака низ идните генерации. Не дека немало такви заљубувања помеѓу христијанка и муслиман, но битно биле да бидат тивки во ноќта, за да не бидат слушнати од Широкиот сокак и од тие љубопитните во него. Но, како се рекло ,, Каде што има чад, има и оган "!
Една средба била доволна за балканските Ромео и Јулија и целиот свет околу нив да биде заборавен.
Нема да Ви откривам повеќе, само ќе Ви дадам искрена препорака 😍
А потоа правец на кај Битола, на едно убаво кафенце на Широк сокак. Можеби баш Вие ќе бидете сведок на едно ново дошепнување 🤫🫣🤭😁
Оваа книга ја започнав чисто онака. Никој не ми ја препорача, едноставно ја избрав поради тоа што е пишувана од македонски автор. Но остави пресилен впечаток врз мене.
Иако е претерано лесна за читање, ја читав споро и со многу внимание.
Значи...Мустафа Кемал Ататурк. Сите сме слушнале за него. Таткото на модерна Турција. Знаеме за него она што сме го учеле по историја на школо. Но дали знаеме за неговата голема љубов? Не спрема Турција, не спрема жените, туку спрема "таа жена"? Едната и единствена? Таа која е "патот кој не е изоден"? Едниот одговор на "да се биде или не"?
Таа се викала Елени Каринте и е личност која навистина постоела. Во музејот во Битола мислам дека постои и писмо кое таа му го напишала.
Оваа книга не е баш историски роман, иако историската рамка и настани се сосема точни, но е биографски роман со многу елементи на фикција.
Мустафа Кемал Ататурк - Воин, Генерал, Политичар, Татко на нација...ги знаеме тие негови аспекти.
Русјаков ни го прикажува како она што е најбитно - Човек.
Одличен псевдоисториски роман. Вешто искористена трач приказната за наводната љубов на големиот Кемал Мустафа Ататурк и Елени Каринте за да се создаде еден вид на биографија на "Таткото на модерна Турција". Извонредно дело со само две маани(според мене): 1) на моменти темпото е пребавно; 2) повторување на еден ист настан неколкупати.
Првиот дел од книгата е неверојатен. Одлична премиса. Ататурк умира и оди во „Хотелот меѓу две војни“. Одеднаш тој почнува да се движи меѓу сеќавањата и ова некое место измеѓу животот и смртта, ни тој не е сигурен. Во меѓувреме го гледаме и неговиот живот и неговата најголема љубов. Малку опаѓа нарацијата во вториот дел, често има повторувања на некои работи и голем дел од нарацијата делува како да е роботски раскажана, се губи чувството на обземеност што го имав во првиот дел. Но, во секој случај, одлично дело!