„Се знае и за ѓаволските книги што си ги читала. А се знае што чуваш во ковчежиња и дека си го уби свршеникот. Си станала сукубус. Знаете што е тоа?“ Иако им се обрати на стражарите и Тобиас, не се се заврте кон никој од нив, туку со перверзна надменост гледаше во Луција. „Ајде, ти барем си читала, знам дека знаеш. Народот ги вика сукуби, женски демони, мачат мажи, ги снеможуваат, им ја крадат силата.“
Почеток на XVIII век. Палењата вештерки низ Европа се стивнати, но не и исчезнати. За време на неделна миса во катедралата, шеснаесетгодишната Елисавет здогледува таинствена туѓинка и во истиот миг се опседнува со мистеријата околу неа. Луција Лилит Абдеел, омажена за локален благородник, покрај таинственоста, во новиот град со себе ги носи и гласините дека била осомничена за вештерство.
Самаел, црковниот прислужник и другар од детството на Елисавет, наоѓа начин да ја пикне на работа во богаташкиот дом на туѓинката. Од ден на ден Елисавет гледа и сфаќа дека гласините за нејзината господарка не се неосновани, но од ден на ден и нејзината верност кон неа сѐ повеќе расте.
Елисавет, Самаел и Лилит стануваат нечисто свето тројство во обидот Луција да избега од несаканиот брак со човекот кој ја спасил од клада.
„Не горат благородници, Елисавет, запомни го тоа. Горат гревовите како мене и тебе.“
Одлична книга! Интересна приказна, интересна нарација и интересни ликови! Одлична доза феминизам вткаена во премисата на предрасудите уште пред векови за жените вештерки и положбата на жените во тоа време.
Морав одма да ја прочитам штом излезе. Историска фикција, вештерки, црквата и неморалот, забранета љубов итн., итн. Многу интересни тематики но, некако неубедливо обработени. Очекував уште еден погодок после Случајот Чернобог но, за жал, не сум посебно воодушевена. Книгата е далеку од лоша, ама некои работи, кога би биле поинакви, уживањето би било стопроцентно. Помалку описи, помалку користење одредени фрази, подобри дијалози, повеќе акција. Авторката има талент и ми се допаѓаат приказните што сака да ги раскаже но, ова дело ми беше поаматерско наспроти веќе споменатото. Навистина се надевам дека ќе продолжи да пишува, бидејќи има потенцијал да создаде нешто неверојатно. Оценка не би можела да дадам, измеѓу ми е некако ептен - ни ваму ни таму.
Сместена на почетокот на 18тиот век, во период неинтересен за мене, интересено е како Шошко лесно нѐ води низ приказната до последната страница. Всушност, возењето е тоа што ѝ ја дава магијата на целата приказна. Стилот ми се допадна, иако имаше нешто што ми недостигаше низ целата приказна. Супер книџе во секој случај, со сосема непотребен епилог (само мое мислење).
Имав чест да ја прочитам Succubus уште пред да се испечати и задоволство да бидам меѓу првите што сведочат на оваа „приказна за вештерки“ напишана на македонски јазик. Можеби не е прва - жените во македонската литература се често „вештерки“ - лечат доилки, побудалуваат бегови, стоички издржуваат ужаси - но овде се работи за поинаква вештерска приказна. Катерина Шошко од самиот почеток те фаќа за рака и како да ти вика „чекај сега да ти покажам како беше“ - па како секој чесен Вергилиј туристички те шета по пеколните сјај и беда на Европа во 18 век (може да е било кој град, сите биле доволно расипани). Со статисти кои како на филм ја доловуваат атмосферата и ликови чии имиња знаат и да им ја предвидат судбината или карактерот, Шошко сервира сликовитост на тацна - кровови на катедрали, мрачни простории од куќи на извикани богаташи, цркви чии свештеници си го играат народот тајно местејќи по некоја лажна крвава солза на статуа. Но, сето ова станува тоа што авторката секако планирала да биде - позадина за на сцената да стапи Луција Лилит - симболот на човечката желба за знаење и лична слобода и истовремено симболот за поткопување и задушување на таа желба затоа што - е жена, а нели, „што има жената да знае толку многу?“
Наспроти можниот прв заклучок, дека имињата Луција и Лилит се спротивни едно на друго - Луција како „светлина“ и „Лилит“ како (еден) демон, малку подлабоко навлегување во симболиката сепак ќе ги разоткрие како синоними - светлина и првата - најпрвата жена на светот која цврсто застанала зад своите ставови. И ликот си ги износува како товар и како украс - нејзината клетва е да привлече внимание каде и да се појави, а покрај тоа - да инсистира на својата автономија и во најужасни неприлики - нешто што за жал до ден денес е луксуз за некои жени дури и во најразвиени општества. Околу нејзе се плете приказната и тоа на истиот умешен начин на кој авторката нѐ има навикнато од нејзините претходни дела, „Крвава месечина“ и „Случајот Чернобог“. Иако сосема поинаква и нова, и овде се провлекува презирот кон отворените рани на општеството кои никогаш не се ситни лопови, бордели и луѓе што се снаоѓаат да преживеат, туку малограѓанштина, човечка кварност и лажна моќ. Магнетизмот (лош или добар, како сакате) на Луција привлекува и очи и навидум неврзани ликови - грозен сопруг, мистериозен морнар, две наивни деца - сите фатени во пајаковата мрежа која таа воопшто не ја прави за да ги зароби, напротив - да биде оставена на мир. Всушност, овде не добиваме совршенство од женски лик за кој ќе паѓаат империи - добиваме реална жена чиј дух паѓа откако ќе биде принудена да употреби премногу сила, лик што греши и во однос на себе и во однос на блиските, што во немоќ може и да ја наведне главата и да убие. А тоа е многу возбудлив подарок за читателите од наш автор.
Крајот можел да отиде во секаков правец – а сепак, овде добиваме крај што совршено ја заокружува пораката што книгата сака да ја пренесе и крај што дури и самата корица го ветува – уробор, змија што си ја јаде опашката.
Ме заинтересира насловот и фактот што е инспирирана од фамозните судења на вештерки во 18 век, но на книгата и фалат еден куп работи, почнувајќи од подобро разработување на толку богатата и контроверзна тема; доизградување на ликовите и нивните карактери, па се до изборот на самите зборови и непотребно повторување на истите та истите фрази. Многу општа, многу стереотипна, и последните две страници иако се наменети да ја разбудат имагинацијата, кај мене побудија само еден страшен кринџ, што би рекле младите. Дека е наша, 3 ѕвезди, инаку ќе се подумав.
Немаше нешто што не ми се допадна во книгава. Ќе ја препорачувам на сите. Секоја чест за авторката. Прв пат се среќавам во ваков уникатен стил на пишување кој е и многу лесен, близок за разбирање, народски. Страниците едноставно лизгаат.
Сместена на крајот на 17-тиот и почетокот на 18-тиот век, приказната успешно го доловува тој период (иако е од наша авторка, дејството не е во Македонија, туку во не-точно-одреден град некаде во Европа) и ја претставува страшната слика на тогашното општество, особено од денешна гледна точка. Црквата, која како институција е на врвот на повеќето држави во тоа време, колку што е позитивна (ширење на мир, среќа, благосостојба), толку е и негативна поради ограничувањата на одредени категории луѓе, најзабележително кон жените и нивното (непостоечко) право на образование. Прифатен и добар граѓанин е само оној кој слепо ѝ се покорува, а сите кои застрануваат од тој пат се носат во затвори или се погубуваат, најчесто и за најмали ситници. Голем дел на жени во тоа време биле прогласувани за вештерки и запалени живи, дури и за најбанални работи како собирање на одредени растенија за чај за смирување, а не како што се мислело за отровни или магични напивки (не дека не постоеле и такви кои користеле отрови, но биле далеку од вештерки)… Освен во општеството, жените биле понижувани и потчинети и во своите домови од страна на нивните семејства/родители/сопрузи, без право на свое мислење или спротивставување. Приказната ги поврзува судбините на една таква жена претходно обвинета за вештерство и на млада девојка која заедно со нејзиниот пријател ќе се здружат со жената против сопругот кој ја малтретира (можеби звучи “просто” вака опишано, ама не сакам да откривам ништо повеќе од содржината, ќе си прочитате и сами ќе се уверите колку е добра). Ликовите се прецизно опишани, дури и до тој степен што и имињата им се совпаѓаат со карактеристиките на личноста (што е “трик” на голем број писатели и воопшто не е негативно клишé како што прво би ви паднало на памет, туку баш е интересно и веќе долго време користено во светската литература и филмовите). Авторката е млада и (релативно) нова на нашава “сцена” (ова ѝ е трета книга), па сигурно ќе има уште многу што да понуди во иднина, со што би се збогатило модерното македонско творештво. Во последно време имаме сѐ повеќе наши автори кои не се плашат да “избегаат” од “традиционалната македонска литература” (ако може да се карактеризира како таква) и се појавуваат книги во многу различни жанрови кои претходно биле многу малку или воопшто не биле застапени од македонски автори (фантазија, хорор, трилер, научна фантастика…) ✨
Kнига што буквално ми влезе под кожа. Содржината е неверојатна, динамична, возбудлива и исполнета со моменти што те тераат да престанеш со дишење. Начинот на кој е напишана книгата е апсолутно совршен. Катерина пишува со толку искреност и длабочина...
А крајот… ме уништи емоционално. Не бев подготвена за таа тежина, за тоа колку ќе ме погоди. Кога ја затворив последната страница седев во тишина, обземена од емоции.
Катерина Шошко повторно покажа дека знае да создаде свет во кој веруваш и ликови што ги чувствуваш како вистински. „Succubus“ не е само книга , тоа е искуство, бура од емоции и совршено напишана приказна.
„Има или нема пекол?“ „Еве го, овде е. Самите себе сме си пекол.“ Ова ми е втор роман од авторката и видов одличен напредок за разлика од нејзиниот прв роман (не дека не ми се допадна и тој). Почетокот е многу интересен, а веднаш се заљубив во ликот на Самаел. Необична приказна и супер стил на пишување, добро истражена тема. Секако ќе си ја прочитам и Случајот Чернобог :) Браво 👏🏼
Темна, заводлива и болна по своја суштина, Сукубус е готска приказна за вештерство, опсесија и бунт против свет управуван од лицемерна побожност и машка доминација.
Приказната го следи Самаел - умен, остроумен и премногу слободоумен за црквата во 1700-тите. Оставен како бебе на црковен праг, тој расте опкружен со догма, но со дух што одбива да се покори.
Од другата страна е Елисавет, тивка девојка со љубопитен ум, која живее со баба ѝ сè додека не ја сретне мистериозната и заводлива Луција Лилит Абдеел - новата сопруга на благородникот Белиал.
Приказната оди напред-назад низ времето, откривајќи ја болната судбина на Луција: нејзината љубов со капетанот Малик, тетоважата под нејзината лева града, премногу заштитнички настроениот татко, труењето, и моментот кога толпата ја прогласува за вештерка. Во последен момент, Белиал ја "купува" и мисли дека ја поседува.
Но Луција никогаш не припаѓа никому. Со своите билки и ум, го држи Белиал во длабок сон... додека не стане невозможно. Самаел ја поврзува со Елисавет, која ѝ набавува билки. Но лагите, љубовта и минатото го наоѓаат својот пат назад.
Кулминацијата е крвава и потресна: Малик се враќа, Белиал умира од рацете на Елисавет, папата паѓа од пиштолот на Самаел, а двајцата – скршени од вистината – избираат да скокнат од капелата наместо да бидат обесени или живи запалени.
💀 Завршен впечаток: Сукубус е трагична химна за сите кои биле наречени грешници само затоа што посакале повеќе – знаење, љубов, избор. Ако сакате мрачни приказни, женски хероини што горат и спасуваат во исто време, и крај што ќе ве прогонува, оваа книга е за вас.
This entire review has been hidden because of spoilers.
После "Случајот Чернобог", очекував уште една приказна до "натприродни" елементи. Пријатно бев изненаден кога сфатив дека не е.
Дејствието на приказната е сместено некаде во 18ти век, кога црквата и инквизицијата имаа огромна моќ и кога истата ја злоупотребуваа како што ќе им одговараше. Кога поради еден погрешен гест, гримаса, поглед...можеше лесно да се заврши на клада.
Не сакам воопшто да откријам повеќе детали за самото дејствие, бидејќи мислам дека доколку кажам повеќе, би им го упропастил впечатокот на оние читатели кои ќе ја читаат за првпат.
Искрено, не би ме изненадило доколку оваа книга некогаш биде задолжителна лектира во средно образование.
Овојпат Шошко не' води во минатото, во мрачното време кога се палеле луѓе на клади и биле прогласувани за ереси и вештерки.
Приказната може да се рече дека следи три лика, сиромашна девојка која одлучува да биде слугинка на богата жена, градскиот „шут“ -слободниот сирак кој живее насекаде и млада девојка која е омажена за богат човек и за која се зборува дека била обвинета за вештерство.
Стилот на Шошко е препознатлив и во оваа книга, но тоа што за мене беше посебно е крајот на книгата. Искрено, од бројните начини на кои можеше да заврши романот, овој беше најдобриот и најреалниот.
Лесна, читлива и како и претходните две дела со препознатливиот нејзин стил на пишување и опишување. Шошко ни носи одлична прикразна која со леснотија ни овозможува да го замислиме 18-тиот век и одблизу да го осознаеме начинот на живеење. Ми се допаѓа како се разработени ликовите со сите свои доблести и мани. Одлично дело! Со нетрпение го чекам следното 😀