Блаже Конески е истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност.
Читајќи ја книгава ми се зацементира одамна утврденото мислење дека Блаже е најголемиот наш мудрец. Дел од записите се напишани со таква сензибилност што ги прави прозни лирски медалјони, а во другиот дел (иако пишуван после многу години, како што кажува и насловот „Дневник по многу години“), Конески по сеќавање, но со голема свежина ни носи некои мигови за ликови и настани од нашата книжевна историја. Тука се неизоставни и најинтимните спомени на Конески, од Небрегово, од Прилеп, од средбите со писатели... Ќе завршам како што завршува и книгата: “Спомените просто не' принудуваат да раскажуваме за нив“.