Зоран Милошевски's Blog - Posts Tagged "македонска-научна-фантастика"

Библиографија на македонската научно-фантастична проза

Обидот да направам каталогизација на македонската научно фантастична проза ќе го започнам со веќе извршената каталогизација од македонскиот уфолог и автор на научна фантастика (во понатамошниот текст: НФ) Стојмир Симјановски (1937-2017) во својот допис за хрватското списание за научна фантастика „Сириус“ (број. 126, ноември 1986 година):

1959 - Лазо Наумовски: „Големата авантура“ (второ издание 1963)
1966 - Љубомир Донски: „Враќање од пеколот“
1972 - Пени Трпковски: „Далечно патување“
1977 - Стојмир Симјановски: „Ацела“
1980 - Стојмир Симјановски: „Двојната Ева“
1981 - Стојмир Симјановски: „Ќерката на ѕвездите“

Неспорен е фактот дека зародишот на македонската НФ започнува после Втората светска војна и формирањето на првата Македонска држава во склоп на тогашната ФНРЈ. Не постојат дела (или барем јас не сум наишол на такви) од македонски автори кои спаѓаат во овој жанр и датираат од периодот пред Втората светска војна. Постојат усни и запишани преданија и приказни со фантастична содржина (пр. некои запишаните приказни од Марко Цепенков раскажуваат фантастични случки), но ниту едно од нив не можеме да го вброиме како НФ дело во границите на дефинициите кои го објаснуваат (за ова малку пошироко во некој од следните блогови).

Накратко за дефинициите за научната фантастика, ги има многу и ја објаснуваат од секој агол. Но овој пат ќе се задржам само на онаа најосновната, а за останатите ќе зборуваме во некоја друга прилика. Имено, според Википедија: „Научната фантастика е форма на шпекулативна белетристика која главно обработува теми поврзани со влијанието на замислена или предвидена наука и технологија врз општеството и личностите како поединци. Научната фантастика е уметнички жанр во поширока смисла, и тој се врзува главно за литературни, телевизиски и филмски дела, но исто така влијае и на ликовната и музичката уметност.“

Во Македонија овој жанр и покрај својата популарност во светот, поминува трнлив пат додека го добие заслуженото место во македонската литература. И од самите македонски автори, па и од поголемиот дел од читателската публика на овој жанр не само ште не му се пристапува со сериозност, туку е обвиен со предрасуди и на научната фантастика се гледа како на „сублитература, забавна литература и сл.“ (Петар Волнаровски „Некои замисли за жанрот 'Научна' или 'Нова' фантастика. “Граница“ 1995)

Од погоре наведеното, во ниту еден момент не треба да извлечеме заклучок дека во Република Македонија нема издадени дела од овој жанр. Напротив, во мојата каталогизација подолу во овој текст, ќе видите дека ги има во сосема незанемарлив број. Но поголемиот од нив спаѓаат во категоријата „Книги за деца и младинци“ и не само што поимот „научна“ се занемарува, туку најчесто се и од забавен (читај: детски) карактер. Во таа насока, е и заклучокот кој сакам да го изведам, дека во нашата земја ИМА напишани дела од жанрот научна фантастика, но ние на светот не му подаривме ниту еден Кларк, Херберт, Асимов, Лем, Андерсон, Бова, Грег Бер... од поновите Адријан Чајковски, Скалзи и др... Ние на светот, барем досега, не му подаривме ниту едно дело од видот на „Соларис“, „Непобедливиот“, „Одисеја 2001“, „Дина“, „Еон“ и други.

Кој е заклучокот од моето излагање погоре?

Имено, додека „некои современи автори веруваат дека е токму научната фантастика е последното прибежиште на естетското, уметничкото во литературното дело, дека ова е жанрот што треба да ја спаси самата литература како уметност и тоа особено во однос на нејзината анатомска основа...“ (Cvjetko Milanja), кај нас сѐ уште не и се дозволува да го заземе своето место во македонската, а доколку се искали некој доволно добар македонски автор и на самата светска сцена заедно со најголемите имиња во овој жанр.

А, сега ќе преминам на Библиографијата на македонската научно-фантастична проза, тоа е истата онаа библиографија од 1986 година од С. Симјановски, само надоградена и проширена и ќе продолжам да ја збогатувам како ќе откривам нови НФ дела од македонски автори.

Библиографија на македонската научно-фантастична проза до 2024 година:

1959 - Лазо Наумовски: „Големата авантура“ (второ издание 1963) *
1966 - Љубомир Донски: „Враќање од пеколот“
1972 - Пени Трпковски: „Далечно патување“ *
1977 - Стојмир Симјановски: „Ацела“
1980 - Стојмир Симјановски: „Двојната Ева“
1981 - Стојмир Симјановски: „Ќерката на ѕвездите“ *
1988 - Лилјана Белева: „Планетата Окталз“
1988 - Томе Арсовски: „Зена – ќерка на ѕвездите“
1989 - Томе Арсовски: „Арис или прва љубов“
1992 - Томе Арсовски: „Подводен град“ *
1994 - Камелија Шојлевска: „Небесен човек“
1995 - Петар Волнаровски: „Граница“
1998 - Томе Арсовски: „Кристална планета“ *
1999 - Венко Неделковски: „Вечниот Таниз“ *
2001 - Лилјана Белева: „Омајот на вселената“ *
2005 - Мирко Зафировски: „Авантурите на Марко и Дамјан“
2011 - Стојмир Симјаноски: „Бојата на времето“ *
2015 - Сања Михајловиќ Костадиновска: „517“ *
2016 - Моника Трајковска: „На работ од времето“ (I дел од серијалот: „Наследството на Вероника“ *
2016 - Методија Диневски: „Експеримент 51“ *
2017 - Бранко Прља: „Апокалипса.мк“ *
2018 - Бранко Прља: „Реплика.мк“
2018 - Зоран Милошевски: „Сага за Тројство“ *
2019 - Бранко Прља: „Воскресение.мк“*
2019 - Методија Диневски: „Временската енигма“ (Експеримент 51-II дел) *
2019 - Даниел Бибовски: „Архангел – Ослободување на ѕверот“ *
2019 - Зоран Милошевски: „Истапени сечила“ (I дел од серијалот „Последна граница“) *
2020 - Елена Филиповска: „Идол на ѕидот“
2021 - Зоран Милошевски: „Бунар оловни солзи“ (II дел од серијалот „Последна граница“) *
2021 - Агрон Усеини: „Овириум - отаде Смртта“
2022 - Валентин Нешовски: „Една книга“ *
2022 - Зоран Милошевски: „За грст пекол“ (III дел од серијалот „Последна граница“) *
2022 - Хари Кацановски: „Анатрос“
2023 - Агрон Усеини: „Овириум - Помеѓу светови“
2023 - Валентин Нешовски: „Последната мисла на Универзумот“
2023 - Игор Раиден: „Издигнување“ (I дел од серијалот „Омнивалентност“)
2024 - Зоран Милошевски: „Калени во крв“ (IV дел од серијалот „Последна граница“)
2025 - Зоран Милошевски: „Кобалтна плима“ (V дел од серијалот „Последна граница“)

Постојат и бројни дела кои иако поседуваат извесни елементи на научна фантастика, сепак не припаѓаат на тој жанр. Такви се на пример:
1973 - Ристо Давчевски: „Сказна за притвореното чудовиште“ *
2019 - Иван Стојановски: „Сенката на сонцето:Патот на мечот“ *
2022 - Иван Стојановски: „Превез“ *

Македонски автор кој пишува научна фантастика е и Климент Дуковски, но неговите дела „Silent Rising“, „First Assault“ и „Ancient Legacy“ (од трилогијата „Flesh and Steel“) и „Hero“ (првиот дел од серијалот „Extinction War“) се издадени на англиски јазик.

Во библиографијата се наведени само прозните дела, додека, кратките раскази, расказите и книгите пишувани на англиски или друг јазик и драмите (во 80тите години беа на неколку радио станици беа изведени неколку радио драми со научно фантастична содржина) не се опфатени. Дел од овие дела ги имам читано, дел ги пронајдов и планирам да ги прочитам, додека, дел стана навистина тешко да бидат пронајдени.

Како што реков погоре, овој блог ќе биде надоградуван и прошируван како ќе откривам нови НФ дела од македонски автори, но и секој од вас е добредојден да ми сугерира доколку (не по своја вина) сум превидел некое, бидејќи последно нешто кое го посакувам е да изоставам некого.
За секое од делата поединечно, како и за научната фантастика како поим и реалност и за други теми ќе пишувам во некои од другите блогови.


Зоран Милошевски
Ресен, 04.04.2020 година
5 likes ·   •  3 comments  •  flag
Share on Twitter